Џенифер Анистон ја искористи приликата да им се обрати на своите фанови на Меѓународниот ден на жената, 8 март, и да ги покани да се солидаризираат со жените кои „се борат за својата земја“ во Украина.
Актерката и водителка на шоуто „The Morning Show“ на Инстаграм ги пофали „жените и девојките во Украина и ширум светот“ кои во моментов ги ризикуваат своите животи, откако руските сили ја нападнаа Украина минатиот месец.
На својот Инстаграм профил, Анистон објави линкови до неколку организации преку кои луѓето можат „да се приклучат на поддршката на овие жени преку донации“.
Ѕвездата на „Пријатели“ е уште една во низата холивудски ѕвезди – како што се двојките Блејк Лајвли и Рајан Рејнолдс, како и Мила Кунис и Ештон Качер, кои апелираат до фановите да придонесат финансиски во напорите ширум светот да му помогнат на украинскиот народ.
View this post on Instagram
„Размислувајќи за жените и девојките во Украина и ширум светот кои денес херојски се борат за својата земја и народ – како војници, како мајки, како организатори, како чувари на бегалците, како демонстранти, како новинари…“, го започнала Џенифер долгиот текст во кој им се обраќана нејзините следбеници кои се близу 40. милиони.
„До овие жени кои ги ризикуваат своите животи во Украина и соседните земји: вие сте неверојатни и целиот свет е со вас. Знам дека е тешко да се дознаат најдобрите начини за поддршка, па затоа ви покажувам како можете да им помогнете на овие жени преку донации“, напишала актерката.
Анистон потоа означила три организации и ја истакнала работата што ја прават за да им помогнат на оние кои се изложени на ризик во Украина – Care.org, Црвениот крст Украина и americares.
Фото: Принтскрин/Instagram