Поранешен јапонски боксер влезе во „Гинисовата книга на рекорди“ како осуденик кој долго чекаше на извршување на смртната казна
Обвинителите одлучиле да не се жалат на одлуката донесена минатата недела од Вишиот суд во Токио, кој наредил повторно судење на поранешен професионален боксер, осуден на смрт за случајот со четирикратно убиство во централна Јапонија во 1966 година, објавија денеска адвокатите на обвинетиот.
Бидејќи обвинителите се откажале од својата специјална жалба до Врховниот суд, повторното судење на 87-годишниот Ивао Хакамада ќе се одржи во Окружниот суд Шизуока, каде што првично му се судело, пренесува агенцијата Кјодо.
Хакамада беше зад решетки се додека новите докази не доведоа до негово ослободување во 2014 година.
На 11 септември 1968 година, тој беше осуден на смрт за четирикратното убиство кое стана познато како „Инцидентот Хакамада“.
На 30 јуни 1966 година избувнал пожар во домот на еден од шефовите на Хакамада. Како што изјавил, се обидел да го изгасне пожарот, но ги нашол само телата на својот шеф, сопругата и двете деца кои биле избодени до смрт. Од домот на убиените исчезнале 200.000 јени.
Хакамада бил испрашуван во полиција и во август истата година бил уапсен врз основа на неговото признание и на неговата облека на која била пронајдена мала количина крв и бензин. Како што неодамна изјави неговиот адвокат, Хакамада бил испрашуван по 264 часа, односно 16 часа дневно во текот на 23 дена, додека не ја признал вината, а полицајците за време на распитот не му дозволувале ниту да пие вода, ниту да оди во тоалет.
На судењето тој го повлекол признанието, наведувајќи дека бил мачен на распитот и се изјаснил за невин.
„Единствено што можев да направам е да клечам и да се стискам за да немам голема нужда. Еден од полицајците ми го зеде палецот, го стави во мастило, го повлече кон писменото признание и ми викна да го потпишам, удирајќи ме и извртувајќи ја раката“, ѝ рекол еднаш Хакамада на својата сестра, опишувајќи ја тортурата во полицијата.
Првично, извршувањето на смртната казна, по жалбите, било закажано за 11 ноември 1980 година. Хакамада сè уште останува на својата невиност, пишувајќи му на својот син во 1983 година: „Ти докажав дека татко ти не е убиец и дека полицијата најдобро знае и дека на судијата му е жал. Ќе ги скршам овие челични окови и ќе ти се вратам“.
За случајот тогаш се заинтересирал министерот за правда, кој одбил да го потпише актот за извршување на смртната казна, бидејќи се сомневал во валидноста на доказите и судењето.
Во неговиот случај се вклучила и Боксерската федерација на Јапонија, а напредокот на технологијата доведло до пробив во новата истрага.
Во две илјадитите почнале жалби за ново судење, а најголемиот пробив се случил во 2008 година, кога со ДНК анализа било утврдено дека крвта на облеката не е на Хакамадин.
Конечно, на 27 март 2014 година, тој бил ослободен.
На 10 март 2011 година Хакамада влезе во „Гинисовата книга на рекорди“ како осуденик кој најдолго чека на извршување на смртната казна.
Во текот на својата професионална боксерска кариера имал 29 борби во перо категорија, во кои бил рангиран како шести боксер во светот.
Фото: Агенции