Во сабота, 11 ноември 2023 година во 19:00 часот, во изложбениот простор на Домот на култура ,,Тошо Арсов” – Виница ќе биде отворена изложба на аналогни фотографии. Автори на изложбата се шест љубители на аналогната фотографија од Македонија и Р. Бугарија: Благица Здравковска (МК), Борјана Симеонова (БГ), Димитар Тилев (БГ), Дана Тилева (БГ), Јана Христова (БГ) и Маријана Иванова (МК).
,,Естетиката на аналогната фотографија предизвикува чувство на носталгија, копнеж по минатото што ги надминува епохите и културите. Во време кога секој момент може да се долови и сподели за миг, аналогната фотографија нè повикува да забавиме, да уживаме во уметноста и да се вклучиме со светот на подлабок начин. Поседува специфичен квалитет што ја прави и романтична и длабока форма на уметност што го надминува дигиталното поле, потсетувајќи нè на трпението, вештината и интуицијата потребни за изработка на секое дело.
Изложбата, насловена „Европа, аналогна.“ претставува евокативна колекција на фотографии кои ги опфаќаат сферите на архитектурата, природата, улична фотографија и портрети, создадени во 11 европски земји: Шкотска, Холандија, Португалија, Италија, Хрватска, Австрија, Германија, Шпанија, Полска, Бугарија и Грција.
Благица Здравковска ги доловува суровите песочни пејзажи на Канарските острови. Постојаниот дуел на природата и индустријализацијата може да се забележи како најприсутна тема на фотографиите на Борјана Симеонова. Уличната фотографија и пејзажите на Дана Тилева се истражување на интимните моменти од животот среде раздвижените региони на Европа. Способноста да се замрзнат минливи изрази, интеракции и напуштени локации е импресивна карактеристика на делата на Димитар Тилев. Фотографиите на Јана Христова се како поглед во интересна приказна, а нејзината употреба на црно-бел филм додава безвременски квалитет на нејзината работа. Јас, покрај тоа што сум куратор, ја имам улогата и на автор во оваа изложба, со неколку единечни и двојни експозиции на европските архитектонски знаменитости.‘‘
куратор – Maријана Иванова.