Преподобен Теофил Струмички
Блажениот Теофил се родил од побожни родители во близината на градот Тивериопол, денес Струмица, Македонија. Имал добра и кротка природа. А кога наполнил тринаесет години, станал послушник на преподобниот старец Стефан. Старецот три години го поучувал на стравот Божји и го раководел во подвижништвото и во монашкиот живот. Откако изминаале тие три години, бидејќи момчето добро се научило на монашките подвизи, Старец Стефан го повикал игуменот од лаврата и му го предал послушното, кротко и смирено момче за да го замонаши. Игуменот го одвел во лаврата и го потстрижал во монаштво со името Теофил. Теофил стана опитен монах, украсен со сите добродетели, живеел меѓу браќата како ангел, и им бил од полза на сите. Свети Теофил благоразумно поучувал молитвено да се почитуваат светите икони. Поради тоа, царот наредил свети Теофил да биде подложен на ѕверски измачувања, но тој, не само што не попуштил, туку успеал еден од своите мачители, кнезот Ипатик, да го разубеди и да го врати во Православието. На крај, кнезот Ипатик се заложил за да биде ослободен светителот. На свети Тоефил му било многу жал што не го довршил подвигот на своето мачеништво. Сепак, имајќи рани, тој се радувал, говорејќи со апостолот: „Се радувам што со своето страдање го дополнувам недостатокот на неволјите Христови во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Кол. 1, 24). Набргу потоа му било откриено дека за кратко време ќе замине кај Бог. Ги уредил сите манастирски работи, ги поучил браќата, ги благословил, ги целивал и заминал кај својот возљубен Господ.
Тропар
Исповедниче на вистината, истоимениче на Божјата мудрост, длабочино на познанието, тебе Теофиле, Христос Спасителот Ти го откри Својот Лик, во длабочината на твоето срце, и оттаму ти ги исповедаше Иконите свети. Моли се за нас, оче свети, пред Божјиот Престол, душата наша како Икона чиста, да се претстави пред Неговото Лице.