Денес се сеќаваме на првата македонска оперска певица Благородна Бурева

Благородна Бурева, позната меѓу својата генерација како Блашка, големата оперска ѕвезда на штипскиот театар е родена на 23 февруари 1903 година како единствено дете на учителката Зуица и свештеникот поп Глигор Бурев од штипско Ново Село. Уште во гимназиските денови, со својата дарба за музика и глума, станала вистинска ѕвезда, особено со улогата на Неда во операта „Палјачи“, изведена на 29 август 1925 година во салата на Офицерскиот дом во Штип, со која всушност започнува и оперскиот репертоар во Македонија. За успешно одиграната машка улога на офицер, која лично ја гледал и Кралот Александар, останал одушевен од нејзината улога, па како награда за уметничкиот труд подоцна лично и подарил скапоцен прстен со лична посвета.

По завршувањето на гимназијата во Штип, дипломирала биологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1935 година и извесно време била гимназиски професор, а потоа се омажила за Миљо Беговиќ, познат оперски пеач од Виенската опера, син на висок функционер во банската управа на Вардарска бановина. Нејзината свадба, била вистински настан за штипјани, младенците ги венчавале дури 10 владици. Кога си заминала со сопругот на пат за Виена, на пероните на железничката станица немало место каде да се застане. Присутни биле сите видни личности од политичката и административната власт во тогашен Штип. Целото црковно раководство од Штип ги придружувало младенците во возот до Велес. Никој не би поверувал, па ни таа самата, дека со тоа заминување завршил периодот на нејзиниот среќен живот, како што тоа и самата го вели во своите спомени. Овој брак траел многу кратко. Се вратила тешко болна и со години после тоа се лекувала во Скопје и Белград. Кога оздравела била испратена за учителка во Кичево. Повторно се омажила во 1936 година за Црногорецот Славко Купчевиќ кој бил висок црковен службеник во Штип. Тој бил многу помлад од неа и по извесно време, кога таа навлегла во зрели години тој ја напуштил. Нејзиниот живот по два неуспешни брака заврши анонимно и тивко.


Кога починала на 6 ноември 1977 година, во капелата на гробиштата во Белград, пред да пристигнат неколкуте први братучеди од Штип, покрај нејзиниот ковчег стоеле единствено Киро Глигоров и неговата сопруга Нада. Големата оперска ѕвезда со чие име секој штипјанец се гордее, си замина од овој свет, бедна и заборавена од сите.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

За квалитетна врска – Четири работи кои повеќето мажи ги сакаат во врската

Мажите нема секогаш да бидат најкомуникативни кога станува збор за нивните потреби, желби и очекувања …