Денес се сеќаваме на основоположникот на музикологијата во Македонија, Драгослав Ортаков, кој почина на денешен ден во 2007 година

Проф. д-р Драгослав Ортаков беше роден во Гевгелија на 22 април 1928 година. Македонски музиколог и композитор, основоположник на музикологијата и на музичката византологија во Македонија. Се категоризира во третата генерација македонски повоени композитори. Еден е од основачите и долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Како прв музиколог и музички византолог во Македонија, оставил голем број на фундаментални дела, пред сè од историјата на македонската музика и посебно, византиско-словенската музика во Македонија (“За музиката”, “Музичката уметност во Македонија“, “Ars Nova Macedonica“, “Огледи за византиско-словенската музика во Македонија“, “De musicis” – критики и осврти и други книги, а има напишано и околу 90 музиколошки статии и огледи). Неговото композиторско творештво брои околу 150 дела, како од инструменталниот, така и од вокалниот музички род: гудачкиот квартет, циклусот “Ептамерони” за камерен ансамбл, Музиката за пијано и инструментален ансамбл, сонатата за пијано, творби за гудачки состави и многу други дела. Посебно место во неговиот опус им припаѓа на големиот број црковно-музички дела. Во тој сегмент од композиторската дејност на Ортаков, централно место заземаат неговите дешифрации и хармонизации на црковни песнопенија.


Добитник е на голем број награди и признанија, од кои кај нас се издвојуваат наградите “Св. Климент Охридски“, “13 ноември“, “Трајко Прокопиев“, а исто така и на награди и признанија во странство, поврзани со неговата музиколошка и композиторска дејност.

Починал на 09 декември 2007 година во Скопје.


 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) Доделени БАФТА наградите: Најдобар филм е „Conclave“, најдобар режисер Брејди Корбет

Церемонијата на доделувањето на филмските награди БАФТА за 2025 година се одржа синоќа во Royal …