Димитар Солев е роден во Скопје на 24 мај 1930 година. Тој беше истакнат македонски раскажувач, романописец, драмски автор, есеист, книжевен критичар и преведувач.
Солев студирал на Филозофскиот факултет, при што дипломирал на групата по историја на југословенските литератури. Тој работел како уредник во Телевизија Скопје, директор на Македонската телевизија, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ (1978-1987), и како главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Солев бил член на Македонскиот ПЕН центар. Во 1956 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија, а одреден период бил и негов претседател.
Солев пишувал проза и есеи, а се занимавал и со преведување и со книжевна критика. Истовремено, за неговите дела пишувале повеќе критичари од поранешна СФРЈ, а неговите книги се преведени на повеќе јазици.
Тој е припадник на средната генерација македонски писатели кои се појавиле по Втората светска војна. На книжевната сцена се појавил во 1956 година, со збирката раскази „Окопнети снегови“, а веќе следната година го објавил романот „Под усвитеност“. Во 1960 година се појавила неговата втора збирка раскази „По реката и спроти неа“, додека вториот роман „Кратката пролет на Моно Самоников“ излегол од печат во 1964 година. Во македонската книжевност, тој е познат како голем поборник за употребата на модерниот книжевен израз. Исто така, Солев е еден од првите македонски писатели кој пишувал кратки прозни творби.
Најпознати дела на Солев се:
Збирки раскази:
Окопнети снегови (1956)
По реката и спроти неа (1960)
Ограда (1963)
Зима на слободата (1968)
Слово за Игора (раскази, 1969)
Одбрани раскази (1970)
Полжави (1975)
Црно огледало (1985)
Одумирање на државата (1990)
Промена на системот (1993)
Ќелав штурец
Синовски татковци (посмртно, 2006)
Романи:
Под усвитеност (1957)
Кратката пролет на Моно Самоников (1964)
Дрен (1980)
Зора зад аголот (1984)
Дублер (1988)
Мртва трка (1998)
Сценарија:
1959: По врвиците на слободата (сценарио)
1962: Граница (сценарио)
1964: Школски распуст (сценарио)
1965: Денови на искушение (сценарио)
1966: Патем (сценарио)
1972: Истрел (сценарио)
За биографија на Васил Антевски – Дрен, која беше објавена во 1980 година, Димитар Солев ја доби Рациновата награда.
Добитник е на наградата „11 Октомври“.
Починал во Скопје на 24 септември 2003 година.