Денес се сеќаваме на нашиот истакнат актер Димитар Костов

Димитар Костов е роден е на 2 јули 1936 во Босилеград, Југославија, артист на Драмата на МНТ. Со артистичка дејност почнал да се занимава во 1959 година. Првите чекори ги направил на сцената на Народниот театар во Штип, каде што бил во редовен работен однос четири години. Веднаш по неговото доаѓање од Штип во Скопје, кратко време работел во Младинско-детскиот театар, каде што настапил во неколку улоги. Позначајна му е улогата во „Автобиографија“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Александар Гловацки.

Насловната улога ја подготвил за неверојатно кратко време и успешно ја совладал со мошне лежерна, но и динамична игра, која ги засмевала граѓаните на Скопје, во тоа време сместени низ повеќе кампови низ градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тогашниот критичар на претставата забележал дека тоа била првата спонтана смеа на скопјани по природната катастрофа.


Костов две години работел и во Народниот театар од Куманово. Во кумановската претстава на „Венчалница“ од Ефрем Кишон, во режија на Ацо Ѓорчев, ја толкувал улогата на Буки, со која станал прв добитник на наградата за млад артист на Првите театарски игри „Војдан Чернодрински“ во 1965 година. Следната година, повторно со Кумановскиот театар и повторно во режија на Ацо Ѓорчев, за улогата на Франц во претставата „Заточениците од Алтона“ од Сартр, вторпат е носител на награда. Во образложението за нагарадата, меѓу другото, пишува дека наградата му се доделува за „полетното и вдахновено интерпретирање на улогата на Франц“. Третпат е награден за улога во Штипскиот театар, кога градот Штип му ја доделил Наградата „8 Октомври“ за особени заслуги.

Костов во Драмата на МНТ работи од 1966 година сe до пензионирањето, на 30.09.1999 година. Тој со својот пријатен сонорен глас, убава појава, со актерска игра проткаена со фин лиризам, на секој настап, во секоја улога исполнета со шарм и занес, заземаше видно место на повеќе сцени низ македонските театри. Костов поседува јасна артикулација, колку звучен толку и крепок гласовен орган, добро и рамномерно оптегнати гласни жици. Дикцијата му е чиста, исправна, логична, сразмерна и хармонична. Нашата сцена често е заматена со нечисти изговори и со лоши акценти, заразена со рецитирање, секогаш страдна за чист говор. Цврсто изговорената реченица, како извајана со длето во камен, беше неговата предност и му донесе завидно место на сцената.


Во рамките на МНТ остварил голем број на улоги, и тоа: Двојникот на иследникот („Вител“), Григориј Незнанов („Без вина виновни“), Рошко Подгорски („Чекор до есента“), Костадин („Печалбари“), Вершенин („Три сестри“), Басанио („Венецијанскиот трговец“), Илија („Под пирамидата“), Грофот Кент („Крал Лир“), Чеда („Госпоѓа министерка“), Арсо („Чорбаџи Теодос“), Кочкарјов („Женидба“ и асистент на режисерот), Градоначалникот („Ревизор“), Осман-бег („Македонска крвава свадба“), а има завидни улоги во некои антологиски претстави како „Среќна нова 1949“ (Диле Јограчов), „Глембаеви“ (Зилбебрант), „Македонски состојби“ (Јосип Кецман), „Бунтот во домот на страци“ (Касапот), „Буре барут“ и други.

Награди:


  • Награда за млад глумец „Трајко Чоревски“ (во чест на Трајко Чоревски) за улогата во претставата „Венчалница“ (1965)
  • Награда за улогата на ликот Франц во претставата „Заточениците од Алтона“ на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1966).
  • Награда „8 Октомври“ (1967)
  • Награда „Војдан Чернодрински“ за животно дело (2009)

Починал во Скопје во 2011 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ЕВЕ ЗОШТО ТРЕБА ДА ЈАДЕМЕ НАУТ: Го забавуваат стареењето и се совршени за слабеење

Ви ги пренесуваме сите здравствени придобивки од наутот и како на најдобар начин да го …