Денес се сеќаваме на истакнатиот македонски историчар на уметност и публицист Димитар Ќорнаков

Проф. д-р. Димитар Ќорнаков е роден во 1927 година во Стојаково, Гевгелиско. Тој беше македонски историчар на уметноста и публицист, припадник на првата генерација македонски истражувачи на средновековната уметност. На уметноста на копаничарството и посветил најголем дел од својата истражувачка и научна работа.

Основно образование завршил во родното место. Учел богословија во Битола и во Софија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Филозофскиот факултет при Скопскиот унвиерзитет, на групата историја на уметностите. Докторирал на Универзитетот во Белград на тема „Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на XVIII и XIX век“. Учесник бил и во НОБ – во IХ Тиквешка бригада, а потоа бил назначен за прв македонски учител во Валандово во 1944 година. Повеќе од 35 години работел во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата како историчар на уметноста, додека последните години од работниот стаж работел во Институтот за старословенска култура во Прилеп. Бил повеќегодишен директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а како стипендист на италијанската влада бил на специјализација во Рим, во Централниот институт за реставрација, во 1962 и 1963 година. Темелно го проучувал творештвото на мијачките резбари (копаничари) во црквите и манастирите на Балканскиот Полуостров: Македонија, Бугарија, Егејска Македонија, Албанија и Косово, како и творештвото на епирските резбари во Епир, Тесалија и полуостровот Пилио кај Волос и Метеора. Двапати престојувал на Света Гора (Атос), во 1984 и 1987 година, каде што ги проучувал резбаните иконостаси во повеќето светогорски манастири. Раководел и реализирал три научни проекти: „Полошки манастир Св. Ѓорѓи – Тиквешко, Манастир Св. Никола – Слепче, Прилепско, и сакрални објекти – цркви и манастири во Македонија.


Објавил повеќе стручно-научни трудови во списанијата: „Културно наследство“, „Балканославика“, Зборник на Музејот на Македонија, „Пелагонитиса“ и други. Раководел и реализирал проекти за конзервација и реставрација на: Полошкиот манастир Св. Ѓорѓи, Манастирот Св. Преображение – Зрзе, Прилепско, Манастирот Св. Архангел во село Варош, Прилепско, Црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид, Црквата Св. Богородица Каменско во Охрид и други.

Ќорнаков е добитник на национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите:


  • Награда „Св. Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата,
  • Награда „13 Ноември“ на Град Скопје.

Починал на 18 јуни 2020 година во Скопје, на возраст од 92 години.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден во 2010 година почина истакнатиот македонски карикатурист Делчо Михајлов

Делчо Михајлов е роден на 27 ноември 1947 година во Скопје. Тој беше македонски карикатурист, …