Димче Николов е роден на 21 февруари 1953 година во Битола. Завршил училиште за применета уметност во Скопје каде што под сугестија и настојување на професорот и истакнат уметник од постарата генерација Ристо Калчевски во 1974 година се запишува на Академијата за ликовни уметности во Љубљана., Словенија. На академијата, се запишал на сликарскиот оддел во класата на професорот Штефан Планинц.
По дипломирањето се запишал и завршил во 1978 година, постдипломски студии по графика во истата академија во класата на еден од поистакнатите словенечки и југословенски графичари – Богдан Борчич. Во 1979 година станува член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија. Во 1986 година по 12 годишен престој во Словенија се вратил во Македонија и станува професор на графичкиот отсек на факултетот за ликовни уметности во Скопје. Станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Во 1995 година станал декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Создавал апстрактни, лирскo третирани знаковни композиции со употреба на црно-бели ефекти: (Предел 14, 1979; Предел 22, 1980). Тој ја поставил графичката уметност на исто рамниште со сликарството и со вајарството. Претставувајќи ја својата ликовна преокупација преку класичните графички техники (линорез, литографија, сува игла, бакропис, акватинта), Николов постигна висок квалитет, со што оставил важна трага во развојот на графичката уметност во Македонија. Во својот ликовен опус, тој стигнал до естетско, композициско совршенство кое е паралелно со истакнатите дела и творци особено од полскиот и јапонскиот графички универзум.
Неговите дела и по симболиката и по структурата која навидум е со минималистичи мотивски елементи, всушност е своевидна рефлексивна монументалност чие значење и загледаност во иднината на човечкото опстојување, допрва треба да се протолкуваат и да се одгонетнат. Неговото дело е поблску до своевидна филозовска интровертност и длабочина која за жал не е протолкувана адекватно и константно, бидејќи изискуваат и одрден филозофко – есеистички критички контекст кој е во рамките на светското ликовно толкување и дешифрирање. Неговото творечко присуство денес е поинтензивно и вистински валоризирано во Словенија и други графички центри во светот, наспроти анемичното, скоро таксативно бележење на неговиот удел во развојот на македонската уметност.
Тој бил автор на многу самостојни изложби во Југославија и во странство и учествувал на многу групни изложби. Димче Николов бил еден од најнаградуваните македонски графичари и воопшто уметници.
Во 1998 година на 30 април ненадејно починал во Скопје.