Помина половина јануари, а дефакто зима засега ниту видовме, а ниту пак во наредниве две недели има на повидок вистинско зимно време. Што би рекол народот кај нас „времево е живи болести“.
Во текот на среда очекуваме облачно и прилично ветровито време. Наутро и претпладне очекуваме врнежи од дожд во западниот крај. Околу пладне полето на врнежи ќе прогресира кон исток, така што попладне и навечер дожд очекуваме насекаде низ земјава.
Умерениот, локално на повисоките места и силен јужен ветер, ќе допринесе за адвекција на доста топол воздуж што значајно ќе се одрази на температурата, а нормално и на висината на снежните врнежи, која утре ќе биде над 1800 метри.
Промена ќе имаме навечер, кога заради продор на студен воздух од север, висината на снежната граница локално во северниот регион ќе се спушти до околу 500 метри, што значи дека во Полог, Осоговијата, како и на повисоките неселени места врнежите од дожд ќе преминат во краткотрајни врнежи од снег.
Наутро минималната температура главно ќе има вредност помеѓу 1°С и 5°С.
Температурата во текот на денот ќе има максимална вредност помеѓу 9°С и 12°С во котлините од северниот и западниот регион , а во југозападниот крај околу 15°С. На повисоките населени места во осоговскиот и малешевскиот крај се очекува температура со максимална вредност помеѓу 7°С и 9°С.
Скопската котлина очекува облачно време со врнежи од дожд кои ќе започнат околу пладне, а ќе траат некаде до средината на вечерта. На планините околу скопската котлина навечер се очекува снег. Во текот на денот ќе дува умерен југозападен ветер, додека навечер се очекува умерен северен ветер. Температурата ќе има минимална вредност околу 2°С, а максимална вредност околу 12°С, најавуваат од meteopro.mk .

Денес се очекува нагла промена на времето
©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.