Сузана Турунџиева е родена во Битола, на 9 март 1969, како второ дете во семејство на просветни работници. Уште од шест годишна возраст го изучува пијаното, а на дванаесет години сама, без знаење на своите родители, со своите заштедени пари си купува гитара, на која сама почнува да учи да свири. Во 1984 година се запишува во Средното музичко училиште во Битола, на отсекот по соло пеење во класата на професор Пеце Митревски. Во текот на четирите години освојува вредни награди на републичките и сојузните натпревари по соло пеење, како: прва награда на републичкиот натпревар по соло пеење во Скопје, во 1985 година, како и прва награда на сојузниот натпревар (на ниво на СФРЈ) во Белград по соло пеење, во текот на истата година.
Во 1987 година се запишува на ФМУ во Скопје, на отсекот по соло пеење во класата на професор Благоја Николовски. Во годините кои следат, Сузана Турунџиева повторно е добитник на вредни награди, и тоа: прва награда на Републичкиот натпревар по соло пеење во Скопје во 1988 година, и трета награда на Сојузниот натпревар (на ниво на СФРЈ) во Љубљана во истата година; прва награда на Републичкиот натпревар по соло пеење во Скопје во 1991 година, како и прва награда на Сојузниот натпревар (на ниво на СФРЈ) во Херцег Нови.
Во 1991 година, после дипломирањето на ФМУ, заминува во Австралија, на покана од КУД „Александро Турунџев“ од Мелбурн. Покрај неколкуте успешни концерти низ Викторија, во ноември истата година учествува и на еден натпревар за пеење – „Да пеам, да те натпеам“, каде ја освојува првата награда. По враќањето од Австралија, се запишува на постдипломски студии по соло пеење на ФМУ Скопје, и започнува да работи како професор по соло пеење и камерна музика во средното музичко училиште, Илија Николовски Луј. Во периодот кој следува, активно се занимава и со естрадно пеење, каде покрај класичната, мошне успешно се испробува и во поп, џез, блуз, кабаретската и евергрин музиката. Паралелно со професорската дејност, Сузана Турунџиева работи и како хонорарец во МРТВ, во Редакцијата за странска обработена програма. Од 1999 година, животот ја пренасочува во телевизиските води, и после поканата од А1 телевизија да работи на музички проект, насловен како „Мелодија“, таа останува во телевизискиот бизнис, сè до крајот, во јули 2011, кога телевизијата заминува во стечај.
Во своите зрели 40-ти години, отпочнува со писателска кариера, и во период од само 4 години објавува 10 книги кои се многу популарни помеѓу нејзината многубројна читателска публика. Од март 2019 година, редовно објавува колумни во дневниот весник „Вечер“ и работи како портпарол на првиот и најстар универзитет во Македонија – Европски универзитет.
Во текот на својата досегашна кариера, Сузана Турунџиева има освоено бројни награди. Меѓу нив се:
- 2000 – Награда за најдобар сценски настап на Макфест
- 2000 – Награда за најдобра вокална интерпретација на Макфест
- 2001 – Гран при на фестивалот „Серенада на Широк сокак“
- 2003 – Награда за најдобар аранжман на Макфест
- 2004 – Награда за најуспешно ТВ лице на читателите на „Вечер“
- 2006 – Награда за најуспешно ТВ лице на манифестацијата „13ка за најуспешните“
- 2013 – Прва награда за романот „Куфер со соништа“ од манифестацијата Вознес
- 2014 – Избрана за „Нај-Битолчанка“ на годината на манифестацијата Вознес
- 2014 – Прва награда за збирката „Моите зборови – мој живот“ на манифестациоја Вознес 2015
- 2015 – Прва награда за расказот „Приказна за безвременската дама Носталгија“ на конкурсот „Го љубам животот“
- 2015 – Награда за докажан македонски уметник од Фондацијата Гордана Петров
- 2015 – Гран при за романот „Животот не е бајка“ на конкурсот „Уште еден помина ден“
- 2015 – Избрана за личност на годината од Фондација Такец
- 2015 – Нејзиниот целовечерен концерт „Вечер на безвременски песни“ во август 2015 е прогласен за концерт на годината во Битола и Битолскиот регион.
- 2016 – Нејзината тв емисија „Трета смена“ е прогласена за Најдобра во македон. медиумски етер на манифестацијата „Митровденски Битолски медаљони“
- 2016 – Романот „Љубов и грев“ – добитник на Гран при на литературник конкурс „Вознес 2016“
- 2016 – Петтиот нејзин роман „Не вели збогум“ – прогласен за најпотресно и најемотивно книжевно дело на литературниот конкурс „Го љубам животот“ 2016
- 2016 – Нејзиниот роман „Фејсбучарење“ – прогласен за најтинејџерски роман на литературниот конкурс на Фондацијата Такец
Среќен роденден Сузе, ти посакува редакцијата на Екран.