Милчо Манчевски е роден во Скопје на 18 октомври 1959 година. Тој е познат режисер, сценарист, писател и фотограф. Студирал историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Како американски стипендист во 1982 година дипломира на факултетот за филм и фотографија во Карбондејл, Илиноис. Од 1985 година, Манчевски живее во Њујорк и во Скопје. Како автор на шест играни филмови и над шеесет краткометражни форми кои доживуваат огромен меѓународен успех, Владата на Република Македонија му ја доделува титулата Амбасадор на културата на Република Македонија во 2007, а во 2012 година е прогласен за Национален уметник на Република Македонија. Руската државна филмска школа ВГИК му доделува почесен докторат во 2013 година. Член е на Здружението на режисери на Америка, Европската филмска академија и PEN клубот. Член е на фестивалски жирија во Венеција, Шангај, Варшава, Локарно, Вилнус, Пула, Минхен, Ростов на Дон и др.
Манчевски е автор на повеќе од шеесет филмски дела: кратки, играни и документарни филмови, видеоспотови, рекламни и играни киносценарија. Тој е сценарист и режисер на играните филмови: Пред дождот (1994), Прашина (2001), Сенки (2007), Мајки (2010), Бикини Мун (2017), Врба (2019) и Кајмак (2022), краткиот филм Четврток (short film) (2013)[8], Крајот на времето (2017) и на преку 50 кратки филмови, документарци, реклами и музички спотови. Исто така, Манчевски се појавува и како глумец во неколку кратки филмови, во два македонски играни филма и во една театарска претстава.
Летото 2015 година, Манчевски е претседател на жири-комисијата за доделување на наградата „Леопарди на утрешнината“, во категорија на кратки и средни филмови од млади автори во состав на фестивалот Локарно, еден од најстарите кинофестивали.
Манчевски е добитник на повеќе награди и признанија, и тоа: за филмот Пред дождот наградата „Златен лав“ за најдобар филм на Фестивалот во Венеција (1994), номинација за наградата „Оскар“ за најдобар филм од странско говорно подрачје (1995), наградата „Сребрен кондор“ за најдобар филм од странско говорно подрачје во Аргентина (1996); за 1.73 награда за најдобар експериментален филм; спотот Тенеси прогласен е за најдобар видео запис според американската музичка телевизија и вброен меѓу стоте најдобри видео записи од магазинот „Ролинг Стоун“. Манчевски е добитник и на неколку државни признанија: награда „11 Октомври“ (1995), награда „Мајка Тереза“ за хуманитарна работа и Амбасадор на културата на Република Македонија (2007), што ја доделува Владата на Република Македонија. На 11 март 2014 година, на универзитетот „Браун“ во Род Ајленд, САД, започна ретроспектива на филмското творештво на Манчевски, под наслов: „Денови на Манчевски: Мајчин дожд“. Во рамките на ретроспективата се прикажани филмовите: „Прашина“, „Мајки“ и „Пред дождот.“
„Њујорк тајмс“ го вклучил неговиот филм „Пред дождот“ (1994) во листата 1.000 најдобри филмови во историјата. Манчевски е автор на три изложби на фотографии, проза и поезија, како и книги, есеи и уметнички изведби. Неговите шест играни филмови се распределени во повеќе од 50 земји. Творештвото на Манчевски се изучува на студиските програми на бројни универзитети како и во средните училишта во Турција и во Италија, а исто така академски предмет е на две академски конференции (во Фиренца и Лајпциг). Манчевски има почесен докторат од московскиот ВГИК. Тој предавал на постдипломските студии на Tisch School of the Arts at NYU, Feirstein Graduate School at Brooklyn Collegе, ВГИК во Москва, EICTV на Куба, Шангајскиот универзитет, итн.
Среќен роденден Милчо ти посакува редакцијата на Екран.