Цане Николовски е роден во Битола на 8 ноември 1958 година. Тој е познат македонски пејач, музичар, флејтист. Во својата долгогодишна музичка кариера, помеѓу другото бил вокал и на групите Мадригали, Гром и Бон – Тон. Најпознат е по новокомпонираниот народен хит Жаклина, испеан во 1990 година со групата Елита од Битола.
Николовски останува познат како универзална појава на македонската музичка сцена која што еднакво успешно се снаоѓа и прилагодува во спектар на различни музички жанрови – рок, поп и народни изворни и новокомпонирани песни. Има снимено 37 албуми со народна, поп и музика изведена со флејта. Од 2004 Николовски живее во туристичкото место Аликанте во Шпанија. Во 2016 година, продукцијата Лотус од Битола, снимила документарен филм за Цане Николовски со наслов „Патот за Аликанте“.
Првите посериозни обиди за занимавање со музика на Николовски се со рокенрол бендот Мадригали од Битола. Тој на бендот му се придружил во 1975 година како вокал и флејта. Во него, покрај Цане Николовски (вокал), членувале и Драган Каранфиловски-Бојс (соло гитара); Благој Тасевски–Бале (соло гитара); Миле Шерденков–Шендер (бас гитара), Томе Георгиев – Шкипот (тапани) и Панде Пажиќ (клавијатури). На почетоците на неговата кариера, инспирација за Николовски биле флејтистот и водач на групата Џетро Тал, Јан Андерсон, флејтистот Херби Мен, музиката на Бијело дугме…
Мадригали во 1977 година на гитаријадата во Заечар ја освоиле првата награда од жирито, првата награда од публиката, а исто така почестени биле и со првата награда на Радиотелевизија Белград. Песната „Македонија“ со која се претставиле во Заечар, ќе ја исполнат и во 1977 година на гитаријадата во Суботица. Во 1979 година, бендот повторно настапил на заечарската гитаријада и го освоил првото место од публиката.
Во 1979 година „Мадригали“ го менуваат името во „Трн во око“. Под ова име во 1981 година бендот настапил во центарот „Скендерија“ во Сараево, каде што ја исполниле песната „Плати една дупла и мрш да те нема“, која што станала хит во бивша Југославија.
Од 1986 до 1989 година Цане Николовски бил вокал на поп бендот „Гром“ од Битола. Во 1988 година имале забележителен настап на МакФест со песната „Каде си ти, најмила моја?“.
Во 1989 година Николовски добил понуда да стане пејач на групата која што изведувала народна музика – „Елита “ од Битола. Со нив го испеал хитот „Жаклина“. Во 1991 година читателите на магазинот „Екран “ песната ја избрале за најслушана песна за 1990 година. Според интервјуто на Николовски дадено за порталот think.mk на матурата на гимназијата Јосип Броз–Тито од Битола во 1991 година, присутните барале на секои пет минути да се свири Жаклина, љубов моја…
Од 2004 Цане Николовски живее во туристичкиот град Аликанте во Шпанија, како професионален забавувач со ангажман во различни локали и ресторани во градот. И понатаму работи на снимање на албуми од различни музички жанрови, како и албуми на коишто тој изведува музика со флејта.
Среќен роденден Цане ти посакува редакцијата на Екран.