Евгениј Поп Ацев е роден на 14 мај 1988 година. Тој e македонски маратонски пливач, трикратен светски првак во маратонско пливање за 2015, 2017 и 2019 година. По професија е доктор по стоматологија.
Во сезоната 2013, Поп Ацев бил второпласиран на конечната табела на гран-при серијата најдолги светски маратони на ФИНА, при што за еден бод заостанал зад победникот, Дамјан Блаум од Аргентина. Во сезоната 2014, повторно е второпласиран во гран при серијата најдолги светски маратони на ФИНА, овој пат второто место го делел со другиот македонски маратонец, Томи Стефановски. Во февруари 2015 година, на првата трка од гран-при серијата на пливачки маратони на ФИНА, која се одржала на реката Парана (25 км) во Аргентина, Поп Ацев го освоил четвртото место, со време од 2:11:50, заостанувајќи зад третопласираниот за само една секунда.
На 29 Охридски маратон (2015 година), Евгениј станува првиот Македонец победник на Охридскиот маратон. Оваа сезона Поп Ацев ја заокружува со својот најголем и најголемиот успех на македонското маратонско пливање со освојување на првото место во гран-при серијата на пливачки маратони на ФИНА.
Во сезоната 2016, со освојувањето на првото место на последната трка во Капри, Поп Ацев е третопласиран во гран при серијата најдолги светски маратони на ФИНА. Во 2019 година на Охридскиот пливачки маратон, Поп Ацев го освоил второто место а во 2022 година го освоил третото место.
Наведените успеси го доведуваат Поп Ацев да биде прогласен за спортист на годината на Македонија за 2015 година. Добитник е на наградата „Личност на годината“ за 2015 година на дневниот весник Нова Македонија.
Среќен роденден Евгениј ти посакува редакцијата на Екран.