Сашко Насев е роден на 4 октомври 1966 година во Кочани. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, и драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, докторирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, специјализација во САД; син на Насе Насев, тренер на најуспешната македонска репрезентација (борење слободен стил); уредник на културната рубрика на весникот „Студентски збор“, соработник на Македонската телевизија. Професор на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тој е еден од најплодните македонски писатели: драма Трилогија (1987), роман Божилак Никогов (1990), драма Пречистување (изведена во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, 1990), драма „Чија си“ (изведена во Драмскиот театар во Скопје; изд. Дом на младите, Скопје 1991; преведена во списанието „Сцена“, Нови Сад 1991), драматизација Женски оркестар (1991), драма Грев или Шприцер (изведена во Драмскиот театар во Скопје; изд. Магазин 21, Скопје 1992), фарса Спиро Царо (изведена како специјална премиера на фестивалот МОТ, Скопје 1992), драматизација Женски оркестар II (1992), драма Либрето Вагнер (изведена во Народниот театар во Битола, 1993), текст Црниот ден и жешките костени во книгата на десет врвни млади македонски интелектуалци “La jeune Macédoine” (1993), телевизиска серија Бумбари (Македонска телевизија, 1994), филмско сценарио Самоуништување (1996), драма Харем.
Драмите Чија си, Грев, или Шприцер, Женски оркестар I и II и други постигнаа вонреден успех кај публиката – играни се повеќе стотини пати во сите градови во Македонија.
Среќен роденден Сашко ти посакува редакцијата на Екран.