Александар Гулевски е роден на 29 јануари 1968 година, во Загреб. Основно образование завршил во Загреб, Белград и Скопје, а средно во Скопје. На Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје се запишал во 1986 год. Во текот на студиите, во периодот од 1988 до 1991 год., како штитеник на Археолошкиот кантонален завод Фрибург во Швајцарија, учествувал во археолошкото истражување на локалитетот Муртен, под раководство на Жан-Лук Буасаберт.
Во текот на својот студиски престој во Фрибург го запознал швајцарскиот уметник Серж Дубуа од Корсери и компонирал музичка илустрација за неговата вајарска инсталација „Пчекарни полиња“ (1991). Во 1995 год., под менторство на академик Цветан Грозданов, дипломира на тема од областа на византискиот фрескоживопис на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факуклтет во Скопје.
Веднаш по дипломирањето, во 1996 година, од Mитрополитот на преспанско-пелагониската православна епархија г. Петар, назначен е за главен уредник на списанието за православна вера, култура, образование и уметност „Пелагонитиса“, а потоа и за главен уредник на православната библиотека Св. Нектариј Битолски. Во текот на својата работа како главен уредник на „Пелагонитиса“, од 1996 до 2003 год., го истражувал битолскиот период од животот на Св. Јован Шангајски. Материјалите од овие истражувања ги публикувал во неколку книги, издадени од Музејот и фондот на св. Јован Максимович од Москва.
Во 2008 год., со одлука на митрополитот Петар, поставен е за псалт во Соборната црква на Преспанско-пелагониската православна епархија „Св. Димитриј“ во Битола, со задолжение да го возобнови византиското црковно пеење.
Во 2012 год., на Институтот за национална историја во Скопје, под менеторство на Викторија Поповска-Коробар, ја одбранил магистерската теза „Културно-историскиот аспект на темата Литургиска служба на архијереите во олтарскиот фреско-живопис во Македонија од XI до XIV век“, и се стекнал со академски степен магистер по историски науки.
Објавувал авторски текстови, главно од областа на византискиот фрескоживопис и иконопис. Го познава византиското црковно пеење, кое го проучува и практикува веќе три децении. Од 1996 година, вработен е во Светата митрополија Преспанско-пелагониска во Битола, како советник за црковна уметност и архитектура.
Објавени книги:
- „40 Фејсбук приказни“, Битола 2020
Објавени текстови во книги:
- Таким я его помню, Москва 2014, 39-47, 240
- Воспоминания о святителе Иоанне Шанхайском и Сан-Францисском
- Чудотворце, Москва 2015, 26-35
- Хроника почитания Иоанна Чудотворца, Москва 2016, 127-139
Објавени авторски трудови:
- Икона и икона, Православен благовесник, Скопје 1997, 11-17
- Пневматологијата на св. Василиј Велики и олтарскиот фрескоживопис во Св. Софија Охридска, Пелагонитиса, 3/4, Битола 1997, 60-72
- Литургиска служба на светите отци во црквата Св. Богородица во с. Сушица (Скопско), Македонско наследство, 10, Скопје 1999, 36-53
- Литургиска служба на светите отци во олтарскиот фрескоживопис на црквата Св. Никита во с. Бањане (Скопска Црна Гора), Пелагонитиса, 7/8, Битола 1999, 79-99
- Иже херувими, епиклеза и раздробление во иконографијата на претставата литургиска служба на светите отци во црквата Св. Андреј на реката Треска, Зборник за средновековна уметност, 3, Скопје 2001, 107-117
- Битола и нејзините светци – св. Ангел Битолски (1750), Пелагонитиса, 13-15, Битола 2003, 199-208
- Една ретка иконографска претстава на композицијата Литургиска служба на светите отци, Balcanoslavica, 32-33, Прилеп 2003, 135-155 (во соавторство со д-р Никола Митревски)
- Сведоштва на битолските богослови за св. Јован Шангајски, Битола низ вековите, IX, Битола 2006, 89-105
- Графиката Св. Наум (1743) на Христифор Жефарович од битолската митрополија, Црквене студије, 4, Ниш 2007, 425-451
- Сребрена кутија со моштите на св. Климент Охридски од манастирот Св. Наум Охридски во ризница та на Битолската митрополија, Патримониум, бр. 14, Скопје 2014
- Краток осврт кон богословско-философската димензија на книжевното творештво на св. Климент Охридски, Епоха Св. Климент Охридски, т. 2, Скопје 2016 (МАНУ), 817-824 (во соавторство со проф. д-р Валентина Гулевска)
- Сотерих Пантевген и сликарството во црквата Св. Пантелејмон во Нерези (Хетимасијата и небесните сили во претставата Литургиска служба на архијереите), Византијско-словенска чтенија III, Ниш 2020, 81-96
- Филозофија, теологија и политика во сликарството на црквата Св. Софија во Охрид, Testimonia philosophica, Зборник во чест на проф. д-р Вера Георгиева, Скопје 2020, 204-219
- Михаил Глика, Неофит Затворник и сигнатурата Ο ΜΕΛΗCΜΟC во црквата Св. Никола во Манастир, Патримониум, бр. 20, Скопје 2022
Објавени преводи:
- Мистагогија, Appendix во книгата на Валентина Гулевска, Magister Caritatis, Битола 2010, 79-130 (превод од руски)
- Јеромонах Дионисиј од Фурна, Ерминија–прирачник за иконописната вештина (I), Пелагонитиса, 13-15, Битола 2003, 67-82 (превод од француски)
Учество на изложби:
- Македонска глаголица – Битолски глаголски ливчиња, Магаза, Битола 2012, (самостојна изложба на 15 цртежи во комбинирана техника врз рачно изработена оризова хартија)
- 10 Меѓународно графичко триенале Битола 2021
- Крешендо, Битола 2022 (CD) (со Владо Ѓорески и Владимир Симоновски)
Учество во музички и театарски проекти:
- Македонски документ чекор прв – Fresh (Revolution), Скопје 1994 (CD)
- Парите се отепувачка, Љубојна – Битола 2005 (CD)
- Македонско девојче I -Каролина Гочева, Скопје 2008 (CD)
- Шербет Љубојна – Љубојна и Исмаил Лумановски, Битола 2015 (CD)
- Дух – Дејан Дуковски (реж. Сашо Миленковски), Охрид 2021
- Црнило – ВЕЛ, Битола 2021 (CD)
Музичка дејност:
- Во 1984 г. ја основал групата „Процес“ (Скопје), а во текот на студентските денови, како гитарист свирел во групата „Санс“ (Скопје) – за која ја напишал песната „Let me make you understand“ и во групата „Фреш“ (Скопје), со која ја снимил песната „Revolution“, снимена на музичката компилација „Македонски документ-Step 1“ (1994).
- Во Битола се запознал со басистот Оливер Јосифовски и започнал да соработува со групата Љубојна на нивниот прв албум „Парите се отепувачка “ (2005). Во тој период работел како музички асистент на Златко Ориѓански на албумот „Македонско девојче“ (2008) на Каролина Гочева.
- Во 2015 г., ги снимил пратечките вокали за албумот „Шербет Љубојна и Исмаил Лумановски“ и снимил дует со Вера Милошевска-Јосифовска на традиционалната македонска песна „Разболе се младо Македонче“.
- Во 2021 г., како гитарист и пејач соработувал со групата Вел (Битола) и за нивниот деби албум „Црнило“ ја напишал песната „Незалезна“. Истата година за претставата „Дух“ на Дејан Дуковски, во режија на Сашо Миленковски, ја компонирал црковната песна „Достојно ест на петти глас “, во духот на традиционалното македонско црковно пеење.
- Во 2022 г., за потребите на уметничката инсталација „Крешендо“, инсталирана во Битола, ја компонира музичката илустрација „Крешендо“.
- Основач е и раководител на православниот црковен хор „Св. Ангел Битолски“ од Битола.
Редакција на Екран му го честита роденденот и му посакува многу здравје и успеси на професионален план.