Сашо Тасевски е роден на 10 август 1972 година во Скопје. Тој е македонски театарски, филмски и телевизиски глумец, стоечки комичар, писател и колумнист, вработен во Драмскиот театар во Скопје.
Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1995). Магистрира театрологија на Факултетот за драмски уметности (2004). Од 1998 година работи во Драмски театар Скопје. Покрај реализираните улоги на матичната сцена, Тасевски реализира и неколку улоги во телевизиски и филмски проекти. Автор е на драмските текстови: Интермецо (2007); На девет по Рихтер (2007); Аеродромци (2010); Житие по Ице (2011) и други. Објавува колумни во печатените медиуми: Актуел, Фокус, Дневник, Утрински весник.
По негово сценарио, во 2008 година е снимена куклената тв-серија за возрасни ВРЕМЕТО ДЕНЕС во режија на познатиот бугарски режисер Боњо Лунгов. Серијата се емитуваше во 46 епизоди на Наша ТВ.
Во 2010 година во Драмски театар е праизведбата на неговата драма ИНТЕРМЕЦО.
Остварува улоги во неколку македонски серии како: Салон Хармони, Сакам да бидам кошаркар, Еурека, Тврдокорни и Преспав, но и во неколку тв-филмови и драми: Дичо Зографот, Девет пораки и други.
Во 2007 е објавена неговата прва збирка драми „Шмизла“ која доживува три изданија. Во годините што следат, објавува уште една збирка драми „Аеродромци“ и четири романи, култниот роман „Пеперутка“, потоа „Угурсуз“, „Принцезата на малиот принц“ и „Отпозади“ со кои создава голема читателска публика.
Остварува и две забележителни улоги во монодрамите, Човекот од соба седум и особено во Секс, Дрога и Рокенрол на сцената на драмскиот Театар во Скопје.
Во 2013 година, добитник е на наградата „Најчитан писател во Македонија“ во сите библиотеки низ државата во конкуренција на странски и домашни писатели која ја доделува НУБ Климент Охридски.
Во 2017 година е назначен за директор на Драмски театар – Скопје.
Во 2023 година ја започнува неговата емисија “Лизгачки старт” на “ЕМ Телевизија”.
Театрографија:
Бопчински (Ревизор, 1995); Филоктет (Филоктет, 1998); Силвио (Арлекин, слуга на двајца господари, 1999); Лука (Стари миризби, 1999);Сеа ќе видиш/Камбо (Кандид во земјата на чудата, 2000); Ханс Миклас (Мефисто, 2000); Цибра (Тетовирани души, 2001); Задрогаз (Сон на летната ноќ, 2001); Калабези (Што е тоа што ги тера жените навечер да трчаат по улиците на Мадрид, 2004); Џоџо (Демонот од Дебар Маало, 2006); Жига (Комшилук наопаку, 2007); Олошот (Кинегонда во Карлаленд, 2009); Мртва (Интермецо, 2010); Боксерот (Грев или шприцер, 2011); Кара (Чолак, 2015); Актерот (Секс дрога и рокенрол/ Sex and drugs and rock n Roll, 2015); Ѓорѓи (Буре барут, 2016) и други.
Добитник е на следните награди:
Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Цибра во претставата „Тетовирани души“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 2002).
Среќен роденден Сашо ти посакува редакцијата на Екран.