Денес роденден прославува нашиот фудбалски дијамант Елиф Елмас

Елиф Елмас е роден на 27 септември 1999 година во Скопје. Тој е познат македонски фудбалер, играч од средниот ред на Лајпциг и на македонската репрезентација.

Својата фудбалска кариера ја започнал во фудбалската школа Форца од каде потоа се преселил во фудбалскиот клуб Работнички каде станал професионален фудбалер. Дебитирал за првиот тим на Работнички на 30 септември 2015 на возраст од 16 години и 3 дена, во победата со 4-0 на гостувањето против Гостивар во Купот на Македонија. Неколку дена подоцна, на 4 октомври 2015 дебитирал во Првата лига на Македонија во победата со 2-0 на домашен терен над Металург. На 10 април 2016, го постигнал својот прв погодок во кариерата за романтичарите во победата со 2-0 над Хоризонт Турново на домашен терен. Својата прва сезона во дресот на Работнички ја завршил со 11 настапи и 1 гол. Следната сезона, Елмас бил редовен стартер и клучен играч за Работнички. На 28 јуни 2016, дебитирал во европските купови, во натпреварот од првото квалификациско коло во УЕФА Лигата на Европа против Будуќност-Подгорица во Скопје; натпреварот завршил 1-1, а токму Елмас 18 минути по влегувањето во игра од клупата го постигнал израмнувачкиот гол за својот тим. Одличната форма ја одржувал во текот на целата сезона 2016-2017, која ја завршил со 33 натпревари во македонското првенство на кои постигнал 6 гола и имал 7 асистенции. Одличните игри во текот на сезоната му ја донеле наградата за Млад играч на годината. Елмас го напуштил Работнички во летото 2017, после 51 настап и 9 гола за клубот.


На 28 јули 2017, Елмас потпишал петгодишен договор со турскиот гигант Фенербахче. Веднаш потоа, турскиот клуб објавил дека за трансферот на играчот на Работнички му биле исплатени 180.000 евра и дека Елмас ќе го носи дресот со број 21. Своето деби за Фенербахче го направил на 28 јануари 2018, во ремито 1-1 на гостувањето кај Трабзонспор влегувајќи во игра од клупата за резерви во 64-тата минута. Својата прва сезона во клубот ја завршил со 5 настапи во лигата и 2 во купот, без постигнат гол. На почетокот на сезоната 2018-2019, Елмас го имал своето деби во Лигата на шампионите, играјќи ги комплетните 90 минути во поразот со 1-0 од Бенфика на 7 август 2018 во третото квалификациско коло од елитното европско натпреварување. Својот прв гол за Фенер го постигнал на 16 септември 2018, во победата со 1-0 на гостувањето кај Конијаспор, откако само 6 минути претходно влегол во игра од клупата за резерви. На 14 април 2019, Елмас постигнал гол во интерконтиненталното дерби против најголемиот соперник на Фенербахче, Галатасарај, во натпревар што завршил 1-1.

На 24 јули 2019 година, Елмас се преселил во италијанскиот Наполи за обесштетување од 16 милиони евра плус бонуси, потпишувајќи петогодишен договор. Своето деби за клубот го направил на 24 август во победата со 4-3 на гостувањето кај Фиорентина, влегувајќи во игра од клупата за резерви во 72-рата минута од натпреварот. На 17 септември тој го направил своето деби во Лигата на шампионите во победата на домашен терен со 2-0 против Ливерпул во групната фаза (претходно тој играл само во квалификациите за елитното европско натпреварување). На 3 февруари 2020 година, тој го постигнал својот прв гол со дресот на Наполи на гостувањето против Сампдорија во натпреварот кој завршил 2-4 за „светлосините“. Набргу по враќањето на клупскиот фудбал на терените по паузата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, Елмас го освоил својот прв трофеј со Наполи, победувајќи во Купот на Италија откако во финалето тие го совладале Јувентус по изведување на пенали со 4-2. Својата прва сезона во Италија ја завршил со 36 настапи во сите натпреварувања и еден постигнат гол. На почетокот на следната сезона, Елмас го постигнал својот втор гол во дресот на Наполи во победата со 6-0 на домашен терен над Џенова.


Од 2023 година е член на германскиот прволигаш Лајпциг.

Елмас ја претставувал македонската репрезентација во категориите под 16, под, 17, под 18, под 19 и под 21 година. Своето деби за сениорската репрезентација го направил на 11 јуни 2017 во поразот со 1-2 од Шпанија во Скопје во квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2018, влегувајќи во игра на местото на Остоја Степановиќ во 46-тата минута. Неколку дена подоцна, тој бил повикан во составот на македонската репрезентација под 21 година за Европското првенство под 21 година во Полска и бил најмладиот играч во составот. Тој играл во сите три натпревари од групната фаза, по која Македонија го завршила учеството на турнирот со едно реми и два порази. На 2 септември 2017, го направил својот втор настап за сениорската репрезентација во победата со 1-0 на гостувањето кај Израел во Хаифа, исто така во квалификациите за Светското првенство 2018. Своите први голови (два) за македонската сениорска репрезентација ги постигнал во победата со 3-1 над Латвија во Скопје во квалификациите за Европското првенство 2020.


Среќен роденден Елиф ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Комеморација во чест на оперската првенка Ирена Кавкалевска (1973-2024)

Денес, со почеток во 10:30 часот на големата сцена во Националната Опера и Балет, ќе …