Мирослав Масин е роден на 17 јануари 1963 година во Ниш. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство во Скопје, во 1988 година. Член е на ДЛУМ, и во периодот од 2000 до 2001 година бил претседател на ДЛУМ. Бил на студиски престој во Велика Британија, Франција и Чешка. Покрај самостојни изложби, Масин учествува во инсталации и перформанси, во видео спотови, а негов е сценскиот дизајн на три претстави: во 1993, 1994 и во 2013 година, на мјузиклот Пенелопе Икс.
Започнувајќи со самостојни изложби во 1988 година, Мирослав Масин досега остварил повеќе од педесет во земјава и во странство, меѓу кои во: Џенова, Париз, Стразбур и Мајен во Франција, Берлин, Лондон, Белград, Сараево, Зрењанин, Подгорица, Љубљана, и на други места. Мирослав Масин изработил над дваесет и пет инсталации и перформанси, меѓу кои: „Мајмун-човек-мајмун“ (1986, Стара чаршија, Скопје), „Кафез“ (1992, КИЦ, Скопје), „Мајмун-човек-банана“ (1995, КИЦ, Скопје), „Миро и Емил“ (1997, Зоолошка градина, Скопје), „Цивилизација“ (2000, Чимелице, Чешка), „Три желби“ (2005, Зоолошка градина, Скопје), „City Point“ (2009, Нирнберг, Германија) и други.
На 15 октомври 2014 година, во Галеријата на „Младинскиот културен центар“ во Скопје била отворена самостојната изложба на Масин, насловена како „Ашанте“ („Enchante“). На 7 април 2015 година, во Нишкиот културен центар била отворена самостојна изложба на Масин, под истиот наслов.
Редакцијата на Екран ја користи оваа прилика да му го честита роденденот на Мирослав Масин.