Денес (петок) нови обилни врнежи, студен бран, силен ветер и снег на планините, ноќта кон сабота снег и во пониските места!

Метео прогноза на Славчо Попоски

Под влијание на нов голем влажен воздушен бран од запад и од северозапад, денес (петок) од претпладневните часови од запад ќе се прошируваат врнежи од дожд кои во попладневните и во вечерните часови ќе ја зафатат целата територија на Македонија. Локално и особено во западните предели врнежите ќе бидат обилни, и проследени со ретки грмежи. Локално ќе наврне значително количество на воден талог (над 30/40 литри дожд на метар квадратен), особено во западните предели.


Денес (Петок) во текот на денот и вечерта ќе дува засилен до повремено силен ветер од јужен и од југозападен, а потоа и од западен правец (повремено и локално со брзина од над 80/90 км/час). Повторно апелирам да се избегнува граѓаните да ги ставаат своите автомобили во близина на дрвјата.

Поради продор на значително поладен воздух од север, ноќта петок кон сабота и во сабота (23.11.2024) претпладне најпрвин на повисоките места и на планините, а потоа и во пониските места (градовите), и тоа особено во северните и во западните предели од Македонија врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег и се очекува формирање на снежна покривка, особено на планините и на повисоките места, а мала снежна покривка е можно да се формира и во градовите во северните и во западните предели од Македонија.


Во Скопскиот регион исто така денес (петок) ќе дува засилен до силен ветер од јужен и од југоисточен правец. Во текот на денот и вечерта ќе започнат врнежи од дожд кои поради продор на значително поладен воздух од север, особено на околните планини и во повисоките предели од котлината ќе преминат во врнежи од снег. Не се исклучува можноста по некоја снегулка да провее и во пониските предели од котлината во сабота рано наутро и претпладнето (23.11.2024).

Од ноќта петок кон сабота, како и во сабота на 23 Ноември ќе дува силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 70/80 км/час).


Што се однесува до температурите, тие денес (петок) ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 14 степени, додека ноќта кон сабота значително ќе опаднат и во сабота наутро тие ќе се спуштаат во интервалот од -5 до 4 степени, додека максималната температура во сабота ќе се искачува во интервалот од 1 до 11 степени во најтоплите југоисточни предели.

Во сабота во текот на денот ќе имаме разведрување и стабилизација на времето, па токму поради разведрувањето, во недела наутро ќе биде многу студено со умерени до јаки мразеви и температури кои ќе се спуштаат во интервалот од -10 до -1 степен.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Елегантното издание на Иванка Трамп на инаугурацијата на Доналд Трамп: Блеснала во смарагдно зелен комплет

Иванка Трамп изгледала убаво и одважно во зелен комплет составен од здолниште и јакна, на …