ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА / ОМАЖ ЗА ПЕТРЕ М.АНДРЕЕВСКИ – Расветлување на неговиот животопис и творечки опус во КСП Центар Јадрo

21 март (четврток) | 13.00 часот

ОМАЖ ЗА ПЕТРЕ М.АНДРЕЕВСКИ – Расветлување на неговиот животопис и творечки опус


За Денот на поезијата – 21 март, Општина Центар-Скопје ќе реализира проект посветен на пишаниот збор и ќе му го посвети на Петре М. Андреевски.
Оваа година се навршуваат 90 години од неговото раѓање и во негова чест во рамките на проектот ќе биде презентиран видео-запис што ќе го потенцира големото значење и трајната вредност на делото на Петре М. Андреевски, а присутните гости ќе имаат можност и да се потсетат на дел од неговиот творечки опус.

——


Петре М. Андреевски (25. VI 1934 – 25. IX 2006) е македонски поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Долги години работи како уредник во Македонската радиотелевизија. Од 1964 година е член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар, a од мај 2000 година член е на МАНУ. Пишува стихови, раскази, романи, драми и филмски сценарија. Романот “Пиреј” македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција” ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

Петре М(иланов) Андреевски е роден на 25 јуни 1934 година во селото Слоештица, Демир Хисар. Основно образование завршил во родното село, а гимназија во Битола. По завршувањето на средното образование студирал на филозовскиот факултет во Скопје на групата југословенска книжевност.


По завршувањето на студиите Андреевски работел во Македонската телевизија. Долги години работи како уредник во МРТВ, а бил и уредник на списанието „Разгледи”. Од 1964 година бил член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а од 1983 година бил и претседател на друштвото. Андреевски бил член и на Македонскиот ПЕН-центар.

Петре М. Андреевски од мај 2000 година е член и на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Своето место во МАНУ тој го заслужи со своето творештво кое е разновидно и опфаќа романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност.

Во текот на неговиот живот и постхумно објавени се стихозбирките: „Јазли” (1960), „И на небо и на земја” (1962), „Дениција” (1968), „Дални наковални” (1971), „Пофалби и поплаки” (1975), „Вечна куќа” (1987), „Лакримариј” (1999); потоа книгите со раскази: „Седмиот ден” (1964), „Неверни години” (1974), „Сите лица на смртта” (1994), „Боеми” (постхумно); како и романите: „Пиреј” (1980), „Скакулци” (1983), „Небеска Тимјановна” (1988), „Последните селани” (1997), „Тунел” (2003), „Бежанци” (постхумно). Исто така ја објавува книгата драми (1984), во која влегуваат: „Време за пеење” и „Богунемили”, потоа есејот „Сегашно минато време” (2006) и има објавено и две збирки стихови за деца (“Шарам барам” и “Касни порасни”).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Македонскиот народен театар после 22 години ќе учествува на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад

Македонскиот народен театар со особена чест ја прими веста за селекцијата за учество на 70. …