Вечерва, со почеток во 20:30 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот Културен Центар во Скопје, ќе се одржи читачката промоција на стихозбирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска.
Стиховите ќе ги читаат: Наташа Петровиќ и авторката.
Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.
Санде Стојчевски:
‒ Уште од самото појавување во современата македонска поезија Јулијана Величковска видливо се издвои со нагласеното љубопитство за поместување и надраснување на веќе освоените стандарди во компонирањето лирска песна кај нас. Затоа и беше за очекување таа наскоро пред читателите да понуди книга песни во проза, но и тој потфат да го продлабочи со плодоносно зафаќање во дијахрониските слоеви на историјата и на книжевната традиција, да ги воспее судбините на митските хероини, суптилно алудирајќи на препознатливите темелни вредности, својства и судбини на женскоста како дел од човечката заедничка вертикала. Особено креативно привлечни и возбудливи се ефектите што во овие песни се постигнати со мајсторското користење на еуфониските и визуелните блискости и сличности како својства на лексичките единици, па на тој начин нивниот семантички полнеж бидува зафатен од внатрешна динамика на лирскиот тек, со што песната како да еманира од текстот и продолжува во продолжително ехо надвор од фиксираниот облик. Овие песни во проза на Јулијана Величковска како да претставуваат суптилно ракување со впечатливиот циклус песни во проза „Селидби“ од првата книга на Радован Павловски „Суша, свадби и селидби“, објавена во далечната 1961 година, и на тој начин го нагласуваат творечкиот континуитет меѓу две значајни генерации во нагорниот раст на македонската поезија.
Весна Ацевска:
‒ „Рајсфершлус“ на Јулијана Величковска претставува храбра и транспарентна автопоетичка книга во која пред нас навидум хаотично нафрланите зборови и зборовни состави прераснуваат во лични и згуснати искази кои, наполнети со емоции, сомнежи и надежи, успешно се преобразуваат во возбудливи лирски песни. Она што претходно соседствувало во (мета)јазикот, звучно или појмовно, заедно со она што наликувало едно на друго, како и она што ги воспоставувало опозитните состојби, всушност сето она што лежело таму скриено и безвучно, во нејзините песни во проза станува видливо и говорливо, добива јасно оформен поетски лик и го презема живиот темперамент на Величковска, заедно со нејзиниот шарм и бистра динамика и ги пленува читателите. Воедно, „Рајсфершлус“ е книга со силен сензибилитет на современоста во која авторката и читателите истовремено престојуваат и во стварен и во дигитален свет и постојано се изложени на брзи и крупни промени, па оттука станува збор за значајна книга која, низ митологијата, преносно ја „коментира“ ранливоста на културата и сликовито ја портретира поетиката на Величковска.
Калиа Димитрова:
‒ Можно ли е едно (женско) тело да постои сега и овде, слободно? Постои ли граница помеѓу детето и мајката, помеѓу мојот и твојот страв, помеѓу дома и најдалеку оддома? Постои ли разлика помеѓу земање здив и издишување? Знам ли да дишам, воопшто? Ако со јогата се вежба намалувањето на просторот меѓу вдишувањето и издишувањето, со поезијата се истражува суштината на тој простор, а токму тоа вешто и храбро го прави Јулијана, во нејзината нова збирка песни „Рајсфершлус“. (Не плашете се ако едвај го прочитавте името – и тоа е дел од играта!) Од Ариел, преку Жизел Пелико, јасно е зошто во оваа приказна не постои ниедна точка, но бескрајно многу три точки.
Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Авторка е на стихозбирките: „Комарци“ (2010), „Отворена книга“ (2017) и „Рајсфершлус“ (2024); на романот „Годишни времиња“ (2014); на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев (2022), за која ја освои наградата за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на Меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“, и на повеќе од триесет книжевни преводи.
Нејзините песни се препеани и објавени на дваесет светски јазици. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше преведен на бугарски јазик (Ерго, 2017), избор песни „Кутија на стравот“ беше преведен на азербејџански јазик (Зардаби, 2024), а избор песни во превод на англиски јазик под насловот „Очекувам лавови“ ќе излезе од печат до крајот на 2024 г. во издание на „Три Спајр Прес“ (Three Spire Press), од Корк, Ирска. Нејзини песни и куси раскази се застапени во неколку антологии во земјата и во странство.