Бадев има снимено повеќе од 400. песни и многу грамофонски плочи.
Четириесет и една година од смртта на Никола Бадев, еден од најистакнатите и најрепрезентативни изведувачи на изворната македонска народна песна, се навршува денеска, потсети историчарот Петре Камчевски од Кавадарци.
Бадев бил роден во кавадаречкото село Глишиќ во 1918 година, во земјоделско семејство. На десетгодишна возраст започнал скришум да свири виолина. Како младинец го сакал спортот и бил еден од подобрите фудбалери на ФК „Југославија“ од Кавадарци. Се оженил многу млад и во бракот со сопругата Милка имал три деца, информираше Камчевски, кој е директор на кавадаречкиот музеј.
Бадев бил учесник во НОВ и се борел во Втората македонска ударна бригада. Во 1952. година по препорака на свои пријатели заминал во Скопје и тогаш започнала неговата професионална кариера.
„Бадев има снимено повеќе од 400. песни и многу грамофонски плочи, а има остварено и голем број на турнеи во САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и други земји. Својата прва плоча Никола Бадев ја снимил во 1952. година за ’Југотон’, тоа е песната ’Тешка беше нашата разделба’“ соопшти Камчевски.
Тој додаде дека вклучувањето во ансамблот на Радио Скопје му овозможило на Бадев да го изгради и музички облагороди неговиот препознатлив кадифен глас, кој, како што нагласи, до ден денешен не е надминат.