На 30 октомври во Центарот за култура „Трајко Прокопиев” (мала сала), во 19.00 ч, младиот бугарски поп пејач и поет Георги А. Иванов ќе се претстави со песна и поезија од неговата книга „Моите солзи на раните треви”. Музиката на песната ја создаде еден од најголемите бугарски композитори – Красимир Ѓулмезов, кој ги напиша најпопуларните песни на Лили Иванова, Веселин Маринов, дуетот „Шик”, Емилија и други. Текстот и изведбата се на Георги А. Иванов.
Роден е 1993 година. Дипломирал на Националното уметничко училиште „Добри Христов” (Варна) и Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров” (Софија) – специјалитет „Поп и џез пеење”. Заедно со неговите активности како музичар, пишува и поезија.
„Моите солзи на раната трева” е книга за созревањето и растењето низ љубовта што може да боли, но ве тера да летате, ви носи задоволство што сте ја пронашле смислата на животот. Стихови во кои може да се почувствува здивот на современиот човек со неговите соништа и идеали, со неговата желба за љубов, со неговите изгубени илузии. Насловот е поетска метафора за сето тоа. Темата е универзална – секој човек доживеал судир на своите соништа со реалностите на животот до еден или друг степен, се заљубил и не се заљубил, сакал и страдал, барал и открил кои се важните работи во неговиот животот. Ова е поезија која допира до душата на секого, без разлика на нивната возраст и пол, доволно е да се има чувство за уметност.
„Бескрајно сум му благодарен на творецот на прекрасната мелодија и аранжман – извонредниот Красимир Гулмезов! Од мал се восхитувам на неговиот талент и ракопис и сега сум среќен што имав можност да создадам нешто што ќе остане во времето и многу длабоко во моето срце. Силно верувам дека ќе допреме и туѓи срца! Книгата и песната се емотивна исповед која долго ја чував внатре”, вели младиот пејач и поет.
Женскиот вокал во песната „Солзи мои на рана трева” е на Бојана Спасова, блиска пријателка на пејача и членка на вокалното трио „Тринити” кое учествува на концертите на познати бугарски пејачи како Миро и Марија Илиева.
Поезија од Георги А. Иванов е преведена на македонски и објавена во списанието „Книжевни елементи”.
Младиот пејач и поет ќе го претстави книжевниот критичар Пламен Тотев, најголемиот издавач на македонски писатели во Бугарија, добитник на Почесното Рациново признание и Македонскиот книжевен Дедал.