Божиќна магија со Сара Мејс и девојките: Незаборавен концерт во Велес

Сара Мејс заедно со девојките приреди незаборавна празнична вечер на Божиќниот концерт што се одржа сношти (10 јануари) во распродадената сала на Велешкиот театар. Со изведба на Божиќни песни, под музичка придружба на Камерниот оркестар од Битола, тие ја донесоа магијата на празничната атмосфера.

„Вообичаено за Божик, семејството се собира дома, за да го одбележи овој голем христијански празник. Ви благодарам што нѐ примивте како дел од семејството и со оваа музичка вечер, да донесеме убави и пријатни емоции“, кажа Мејс на почетокот на концертот кој траеше час и половина.


Публиката уживаше во изведбите на хитови како оние на Мараја Кери и дуото „Wham!“, како и во традиционалните новогодишни песни, меѓу кои „Jingle Bells“, што ја крена публиката на нозе во а капела верзијата. Посебна енергија донесоа и македонските божиќни песни „Вечниот Бог“ и „Небо и земја“, украинската „Шчедрик“, како и специјалната изведба на Сара Мејс на харфа со нејзината композиција „Псалм 150“.

Концертот беше збогатен со поп хитови, а заврши со веселите „Њујорк, Њујорк“, „Feliz Navidad“, „Елко, елко“ и „Среќна Нова година“ – оригиналната песна на Сара Мејс. Публиката, воодушевена од настапот, не дозволи изведувачите да ја напуштат сцената без бис, па тие се вратија уште два пати, поздравени со громогласен аплауз.


Овој концерт, организиран со поддршка од Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и Општинската организација на Црвениот Крст Велес, имаше хуманитарен карактер – сите средства од продадените билети ќе бидат донирани за набавка на опрема за Детското одделение во Општата болница Велес.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Лузна на носталгија – Балканците ја споделија фотографијата на Меланија Трамп поради еден детал: „Печат на Југославија“

Балканците на социјалните мрежи споделуваат фотографија од инаугуративниот бал, на која се гледа како Меланија …