Изминатиот петок во Младинскиот Културен Центар во Скопје, се одржа петтото издание на фестивалот Андерфест. Долгоочекуваното јубилејно издание на фестивалот го имаше своето најдобро издание досега. Одличниот избор на артисти привлече разновидна публика која уживаше во настапите на своите омилени бендови.
Честа да го отворат фестивалот им припадна на одличните Red18 кои ги отсвиреа своите добро познати хитови од својот прв и досега единствен албум „Red18’s Grit“. Публиката која беше во голем број уживаше во нивниот настап и во еден здив ги пееше песните заедно со бендот.
Следеше настапот на метал бендот од Скопје „Conspiracy“. Дечките покажаа зрелост и енергија својствена за големите метал бендови и слободно можеме да кажеме дека Стефан и екипата се спремни да почнат да го освојуваат европскиот музички пазар. Свирката кулминираше со изведбата на нивниот најнов сингл „Гнев“ а „шутката“ беше неизбежна за време на целиот нивен настап.
Преку Ред, втор пат по ред настапуваат на Андерфест. Иако најмлади по години и по стаж како бенд тие самоуверено ја држеа сцената под своите нозе. Нивните најголеми хитови ги пееа сите во салата 25 мај. Антони како вистински суперстар ја анимираше публиката која дишеше заедно со бендот се до нивната последна песна „Ќе те барам“, со која го завршија својот настап на фестивалот.
Бурата наближуваше и тоа го чуствуваа сите во публиката бидејќи беше време за настапот на „Peach Vice“. Бендот скоцкан и подготвен за настап во полн состав со 9 луѓе на бина и богатство од звуци и инструменти, од ДЈ до виолончело и саксофон. Нивниот енергичен настап ја доведе публиката до „лудило“. Вистинско уживање е да се гледа овој бенд во живо и посебно фасцинира начинот на кој тие се поврзани со публиката.
Lufthansa, професионални и сериозни, како вистински предводници на сцената го започнаа својот настап полека загревајќи ја публиката за кулминацијата која се случи кон средината на нивниот настап. И покрај тоа што времето за свирење на бендот измина, членовите не сакаа да се симнат од сцената и бараа да исвират уште минута повеќе. После минута-две продолжија со настапот при што им се приклучија и членовите од Peach Vice, при што дојде и до братска прегратка меѓу Мартин и Наско.
Последен удар ја оправдаа улогата на хедлајнери на фестивалот. Го промовираа својот нов албум „Сега и засекогаш“ пред скопската публика, а верната екипа која ги следи на нивните настапи им се заблагодари за одличниот настап во нивен стил со одлична баклијада со што на прекрасен начин се стави крајот на ова издание на Андерфест.
Фестивалот беше подржан од Министерство за култура и Jägermeister.
Андерфест оваа година отиде скалило подалеку и го обезбеди своето место на мапата на фестивали посветени на македонски авторски бендови. Со нетрпение очекуваме да дојде наредното издание на фестивалот. Дотогаш слушајте и поддржувајте македонски бендови.
Фото: Стефан Рајхл