Анастасија Ѓурчинова е добитник на Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ вчера беа доделени наградите за најдобар превод „Драги“. Настанот е во рамките на јубилејното, 10. издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“ 2024.

Жири-комисијата во состав д-р Јана Михајловска, д-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски одлучи во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи финалисти со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици: Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на „Антолог“, 2024 година; Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на „Бегемот“, 2024 година; Екатерина Бабамова за преводот од англиски јазик на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на „Артконект“, 2023 година; Елисавета Поповска за преводот од француски јазик на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на „Илика“, 2024 година; Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, издание на „Паблишер“, 2023 година.


Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од издавачката куќа „Антолог“ со поддршка од Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуета „Драги“, како и од паричен дел во износ од 30 000 денари.

Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја доби Анастасија Ѓурчинова, за превод од италијански јазик на делото „Интимен живот“ од авторот Николо Аманити во издание на „Антолог“.


Во образложението меѓу другото се вели дека станува збор за превод кој на мошне суптилен начин ги задржува стилските карактеристики на книжевниот дискурс на Николо Аманити, умешно вклопувајќи ги во стилските, лексичките и синтаксичките можности на македонскиот јазик. Преводот на Анастасија Ѓурчинова се карактеризира со прецизност и верност кон оригиналниот текст, со огромна почит кон стилот на авторот.

Германскиот професор и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашнaта интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Романот на германски јазик го објави издавачката куќа „Гуголц“ од Берлин.


„ Очигледно е дека за овој голем преведувачки проект тој не само што поседува одлични и изнијансирани познавања на македонскиот јазик, туку и дека темелно ги проучил историскиот и книжевниот контекст, јазичните специфи на руралниот, архаичен живописен македонски говор, а за културолошки конотираните македонските лексеми понудил креативни германски еквиваленти“, се вели во образложението за наградата.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Професорите садат” – продолжува традицијата за збогатување на дендропаркот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем” во Скопје

Во текот на вчерашниот ден се изведе дополнување на дендропаркот во Скопје со нови видови …