По повод големиот јубилеј на Македонската Филхармонија, 80 години од нејзиното формирање, вечерва со почеток во 19:30 часот ќе се одржи јубилејниот концерт насловен 80 ГОДИНИ – ЉУБОВ!
Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19:30 часот, во фоајето на Филхармонија со настап на Академскиот хор „Мирче Ацев“. Диригент: Јасмина Ѓорѓеска-Каро.
Програма:
- Трајко Прокопиев: „Ленка“
- Тодор Скаловски: Рапсодија 2
- Тодор Скаловски: „Македонска хумореска“
Настанот продолжува во концертната сала, каде со почеток од 20:00 како солист ќе настапи нашиот врвен пијанист Симон Трпчевски, а концертот ќе го диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Програма:
- A. Пандевска: „Куклици“
- Е. Григ: Концерт за пијано и оркестар во а-мол, Оп. 16
- Г. Малер: Симфонија бр. 1 „Титан“ во Де – дур
Македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, добива позитивни критики за својата моќна виртуозност и длабоко изразен пристап, како и за неговото харизматично присуство на сцената. Пред дваесет години започна на меѓународната сцена како уметник од новата генерација на „Би-би-си“, и во својата неверојатно брзорастечка кариера, без ограничувања во музиката, има соработувано со над стотина оркестри на четири континенти, меѓу кои: Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот Филхармонија, Националниот оркестар на Франција, Кралскиот оркестар Концертгебау, Оркестарот Тонхале во Цирих, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Радио-симфонискиот оркестар Берлин и Елбфилхармонијата. Во Северна Америка, тој често настапува како солист со оркестрите во Кливленд и Филаделфија, Лос Анџелес и Њујоршката филхармонија, како и со симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Сент Луис, Сиетл и Балтимор. Во Јужна Америка има изградено прекрасна релација со Оркестарот „Естабле дел Театро Колон“, а настапувал и со симфониите на Сеул, Хонг Конг и со симфониските оркестри на Сиднеј, Мелбурн и Нов Зеланд. Трпчески има работено со голем број на истакнати диригенти, меѓу кои и: Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Марин Алсоп, Густаво Дудамел, Кристијан Мачелару, Џанандреа Носеда, Василиј Петренко, Владимир Јуровски, Антонио Папано, Габриел Бебешелеа, Давид Цинман… Неговата долгорочна соработка со Васили Петренко резултираше со богата дискографија; меѓудругите и заедно со Кралскиот Ливерпулски филхармониски оркестар ги снимија сите пијано концерти на Рахмањинов и пијано концертите на Чајковски и Прокофјев… Во сезоната 2023-24, како резидентен уметник со Кралскиот шкотски национален оркестар, Трпчески го сними својот најнов албум за „Лин Рекордс“, кој ќе ги содржи концертите бр. 2 и бр. 5 на Сен-Санс под диригенство на Томас Сондергард. Во сезоната 2024-25, пак, ќе ја отвори концертната сезона на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а ќе има нови бројни настапи со симфонискиот оркестар на Монтреал и Оркестра Синфоника де Сао Паоло, Симфонијата на Балтимор, со Џанандреа Носеда и Циришката филхармонија…. Бројна е и неговата рецитална програма во големи сали во градови како Њујорк, Сан Франциско, Вашингтон, Лондон, Париз, Амстердам, Милано, Минхен, Прага, Хамбург, Билбао, Истанбул, Даблин и Токио. Од своето деби во Вигмор Хол во 2001 година, тој редовно настапува во оваа престижна сала, а неговиот природен афинитет кон руските композитори од 19-ти и 20-ти век е претставена во седум албуми со рецитали. Инаку, Трпчески е посветен и на зајакнување на културниот имиџ на неговата родна Македонија. Неговиот проект за камерна музика „Македонисимо“ е посветен на запознавање на светската публика со богатите традиционални македонски фолклорни корени. Со посебна поддршка од „КултурОп“ – македонска организација за култура и уметност – Симон Трпчески редовно работи со млади музичари во својата татковина, негувајќи го талентот на идната генерација на уметници. Во 2009, доби Орден за заслуги на Македонија, награда за странски и домашни заслужни личности за афирмација на Македонија во странство. Во 2011 година стана првиот кој ја понесе титулата „Национален уметник на Македонија“. Роден е во Македонија во 1979 година, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Борис Романов. Беше уметник од новата генерација на „Би-Би-Си“ во периодот 2001-2003 година, а во 2003 година ја доби Наградата за млад уметник од Кралското филхармониско друштво.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнува да изучува музика, а потоа студира флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрира во Израел каде што дипломирана Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски ќе биде избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ќе ја добие и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски овој оркестар ќе стане еден од најпопуларните симфонски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 98 до 2004 маестро Шаровски ќе раководи и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Женеиро со кој ќе патува на турнеи во Бразил и во Европа и ќе сними четири ЦД-иња. Тогаш Шаровски ќе го формира Младиот симфоники оркестар на Бразил кој ќе стане еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со БСО ќе замине на турнеја и во САД, кога во „Централ парк“ во Њујорк, како и во „Линколн“ центарот ќе одржи концерти пред 50 илјадна публика кои ќе бидат високо оценети од публиката и критиката. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалимз аедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер часови на значајни универзитети во светот.