ЗДРАВИТЕ масти се суштински дел од урамнотежена исхрана и имаат бројни придобивки за целокупното здравје. Овие типови на масти можат да помогнат во контролата на телесната тежина и да го подобрат нивото на холестерол, па затоа треба почесто да се вклучуваат во исхраната. Додавањето намирница која содржи здрави масти може да поттикне ситост, да го намали прејадувањето, па дури и да помогне во губење на тежината.
Диететичарот и нутриционист, Јохана Ангман, открила кои намирници богати со здрави масти треба да се јадат почесто за да се влијае на слабеењето и да се има низок холестерол.
Авокадо
Како што објави She Finds, авокадото е богато со влакна и здрави масти, кои промовираат ситост и го намалуваат вкупниот внес на калории. Влакната ви помагаат да останете сити подолго време, спречувајќи непотребно грицкање и прејадување.
Ангман истакнува дека авокадото е „богато со мононезаситени масти и помага да се намали нивото на лошиот холестерол додека го зголемува добриот холестерол. Исто така, обезбедува чувство на ситост, намалувајќи го севкупниот внес на калории“.
Јаткасти плодови
Мононезаситените и полинезаситените масти во јаткастите плодови помагаат во намалување на нивото на лошиот ЛДЛ холестерол. Исто така, овие масти промовираат зголемување на добриот ХДЛ холестерол и помагаат да се отстрани лошиот холестерол од артериите.
„Бадемите, оревите и ф’стаците се одлични извори на здрави масти, влакна и протеини. Тие помагаат во намалувањето на холестеролот и ве одржуваат сити, спречувајќи прејадување“, објаснува таа.
Маслиново масло
Маслиновото масло главно се состои од мононезаситени масти, особено олеинска киселина, која е позната по своите здравствени придобивки. Мононезаситените масти во маслиновото масло помагаат во намалување на нивото на ЛДЛ холестеролот, што е клучно за намалување на ризикот од срцеви заболувања.
Диететичарката забележува дека „екстра девственото маслиново масло е полно со антиоксиданси и мононезаситени масти кои помагаат да се намали воспалението и да се подобри нивото на холестерол. Тоа е главен елемент во медитеранската исхрана здрава за срцето“.