6-та Меѓународна Ex Libris изложба Скопје 2023

Вечерва во Културно информативниот центар во Скопје, во салонот Империјал I, по шести пат ќе се реализира Меѓународна Ex Libris изложба Скопје 2023.

Првото издание на оваа изложба е реализирано пред повеќе од 10 години поточно во 2012 година со биенален карактер и до денес се` уште е единствена од овој тип во нашата земја. Ретроспективно гледано од почетокот до сега колекцијата на „Меѓународна Ex Libris изложба Скопје“ / “International Ex Libris Exhibition Skopje” брои преку 300 автори од четириесетина земји и преку 600 дела.


Ова шесто издание на публиката ќе ѝ понуди увид во речиси стотина дела од современата графичка сцена од разни делови од светот како и од Македонија.

И оваа година љубителите на графиката ќе имаат можност да уживаат во делата изработени во различни традиционални графички техники како линорез, сува игла, бакропис, мецотинта, акватинта, фотолитографија, но и современи техники како дигитална графика и комбинација на истите. Ex Libris, што буквално значи „од книгите на”, е латински израз што се користи за означување сопственост на книга. Ex Libris графиката, се однесува на уметничките идентификации поставени во книгите за да ги означат сопствениците и воедно да ја украсат книгата.


Покрај натпреварувачкиот карактер, изложбата сама по себе претставува прослава на графиката и литературата во својата класична колекционерска форма. Имајќи ја предвид современата дигитална култура, книгата како колекционерски артефакт е сѐ помалку застапена во животот на секојдневниот читател, а со тоа и потребата од категоријата Ex Libris. Затоа, оваа изложба има за цел да го поттикне интересот кон традиционалните графички техники и да ја освежи колекционерската култура на книгите. Воедно, претстојната изложба e прилика за споделување на искуствата меѓу професионалните графичари ширум светот и збогатување на графичката сцена.

Оваа изложба, организирана во Културно Информативниот Центар – Скопје, e одлична основа за инспирација, едукација и размена на идеи помеѓу учесниците и посетителите – Соња Димовска, Срѓан Миќиќ.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Костадиновска-Стојчевска: Го враќаме симболот на Скопје – Универзалната сала

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги најави градежните активности за реконструкција и адаптација на …