„4-те коњаници на апокалипсата“- Истражувањето на познат психолог покажало: Овие четири однесувања во бракот доведуваат до развод

Познатиот психолог и брачен советник Џон Готман спровел статистичка анкета за бракови и разводи во 1992 година.
Преку тоа истражување, тој можел да предвиди кои парови на крајот ќе поминат низ развод со неверојатни 94 проценти точност. Оттогаш, Готман, заедно со неговата сопруга Џули Готман, спровеле опсежно истражување за факторите кои влијаат на успехот или неуспехот на врската.
Нивната работа укажа на различни клучни динамики кои придонесуваат за успех или неуспех на бракот. Според нивното истражување во Клиничкиот прирачник за терапија за парови, присуството на „четворицата коњаници на апокалипсата“ се меѓу најголемите предвидувачи за развод. Тие четири однесувања, доколку се појавуваат повеќепати во бракот, може да сигнализираат сериозни проблеми во иднина. Психологот Марк Траверс дополнително ги објаснил четирите знаци кои можат да навестат развод.

1. Постојана критика
„Наместо да се фокусирате на однесувањето што ви пречи, критиката е насочена кон личноста на партнерот, што може да предизвика чувство на отфрлање и лутина. На пример, критиката би била: ‘Секогаш мислиш само на себе’, додека конструктивната повратна информација може да изгледа вака: ‘Ми беше срам кога не рече дека ќе доцниш’, објаснува Траверс за Psychology Today.


2. Дефанзивност
Според психологот, дефанзивноста е обид да се одбрани со оправдување на сопствените грешки или напаѓање на партнерот. „Ова може да се манифестира како глумење жртва која ја префрла вината на партнерот или како ‘праведен гнев’ кој се спротивставува на критиките со напади. Таквото однесување го попречува решавањето на конфликтот бидејќи се фокусира на избегнување одговорност наместо да го реши проблемот“, забележува Траверс.


3. Презир
Презирот вклучува изразување презир кон партнерот преку навреди, сарказам, прозивања или омаловажувачки гестови на телото. Психологот истакнува: „Ваквото однесување често произлегува од длабоко незадоволство и може сериозно да ја оштети врската бидејќи на партнерот му покажува дека го сметате за инфериорен, што го отежнува решавањето на проблемот“.

4. Игнорирање
Игнорирањето е целосно повлекување од комуникацијата, често како одговор на презир или друго негативно однесување. “Во оваа фаза личноста престанува да слуша, се одвраќа од разговорот или целосно се повлекува од интеракцијата. Ова однесување го отежнува решавањето на проблемите и може да стане долгорочен одбранбен механизам кој спречува врската да напредува”, заклучува Траверс.


Фото: Архива

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Комеморација во чест на оперската првенка Ирена Кавкалевска (1973-2024)

Денес, со почеток во 10:30 часот на големата сцена во Националната Опера и Балет, ќе …