Даница Вукиќевиќ, добитничката на НИН-овата награда за најдобар роман напишан на српски јазик во 2022 година, деновиве гостува во Скопје во рамките на Меѓународниот книжевен фестивал „Про-за Балкан“. За време на нејзиниот престој, издавачката куќа „Арс Ламина“ организира специјален настан – промоција на наградениот роман „Внатрешно море“ и разговор со авторката и со преведувачот: Александар Прокопиев.
Настанот со Даница Вукиќевиќ ќе се одржи денес со почеток во 19:00 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“. Претставувањето на романот и разговорот со авторката и со преведувачот ќе го води Оливера Ќорвезироска од издавачката куќа „Арс Ламина“, уредничка на изданието.
„Внатрешно море“, освен што е прво дело преведено на македонски јазик од Даница Вукиќевиќ, е и прв роман на оваа авторка со значаен книжевен багаж. Роман – вистинска книжевна авантура, која го крши нашиот реален свет на парампарчиња и одново го составува, без ни најмала амбиција новосоставениот свет да биде совршен, туку само барем малку поразличен отколку што е… Роман – толку свој, толку различен, толку радикално фрагментарен, толку радикално посебен.