„Горчлив шеќер“ – мултимедијален проект на Ѓорѓе Јовановиќ

Денес, во 20 часот во Музејот на современетата уметност во Скопје ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој мултимедијен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.

Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимирани куклени претстави, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.


Овој проект, преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција има за цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации, и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од бројни кризи и егзистенцијална неизвесност.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето на нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст. Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, меѓу кои: „Обезглавените“ – Прима центар Берлин (Берлин, 2020), „Chocolate Drops“ – галерија „Хоаст“ (Виена, 2018), „Радио Слободно Скопје“ – Центар за современи уметности (Скопје, 2015-16), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ – Музеј на современата уметност (Скопје, 2014), „Исповедите на еден јадач на колачи“ (Ровињ, 2013), „Фрагментарниот архив на уметникот од земјата во транзиција“ (Њујорк, 2010), „It’sComplicated“ (Грац, 2010) итн.
Резиденцијални престои: IAAB – Базел, TICA – Тирана, La Cité internationale des Arts – Париз, Watermill Centеr Њујорк, „Апартмент проект“ – Истанбул, ISCP – Њујорк, CCN – Грац. Добитник е на повеќе награди: „Денес“ за млад уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал „Алтернативен филм/Видео“ во Белград, 2009, Акто фестивал, Битола, 2012 и најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници, Музеј насовремената уметност за 2013.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Стивен Санчез го промовираше деби албумот „Angel Face“

Стивен Кристофер Санчез е роден на 3 ноември 2002 година и е американски пејач и …