Кемал Монтено е роден на 17 септември 1948 година во Сараево од татко италијанец и мајка муслиманка. Во родниот град во втората половина на шеесеттите години на 20 век ja започнaл својата пејачка кариера со настап на фестивалот „Твојот хит на сезоната“ во 1967 година. Оттогаш, тој редовно добивал први награди како изведувач, музички автор и текстописец. Некои од неговите најубави шансони се создадени за „Хит на сезоната“, а кон крајот на седумдесеттите на овој фестивал биле изведени неговите познати песни Сараево љубов моја (1976) и Земјо моја (1977).
Монтено се одликувал со посебен лирски, романтичен музички израз, во кој мотивите на босанската севдалинка биле обединети на уникатен начин со средоземниот шарм на италијанската канцона. Неговите текстови се искрена исповед на еден поет кој го вкусил животот и болката на љубовта и на свој начин ги преобразува во песна со јасен и едноставен израз. Иако главниот, љубовен мотив се појавува уште од првата композиција на Монтено, тој никогаш не се повторил во неговите шансони, но истиот мотив вешто се менувал на илјада различни начини. Во текот на неговата кариера како кантавтор, Монтено не само што создал свој музички потпис на домашната забавна музичка сцена, туку знаел и како со своите песни да придонесе за успехот на неговите колеги пејачи-пријатели.
Во 90-титеКемо, како што го нарекувале неговите пријатели, изведувал дуети со колеги изведувачи, а покрај горенаведеното, на микрофонот му се придружувале и Раде Шербеџија, Борис Новковиќ, Фуад Баковиќ Дин, Данијела, Маја Оџаклиевска и други. Кемал Монтено живеел на релација меѓу Сараево и Загреб, а неговиот музички пат бил исполнет со бројни настапи на домашни фестивали и богата концертна активност во речиси сите земји од поранешна Југославија.
Починал на 21 јануари 2015 година во Загреб. Погребан е во Сараево на 28 јануари 2015 година. Во негова чест слушнете го големиот хит, песната „Ивана“