ПОТТИКНУВАЊЕ НА ЉУБОВТА КОН ЧИТАЊЕТО – Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ започнува натпревар во раскажување прочитани книги

Во дигиталната ера, каде технологијата доминира во нашите животи, Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ ги препознава штетните ефекти од прекумерното време поминато покрај мобилен телефон врз помладата генерација. Бројни научни студии покажаа дека изобилството на информации достапни преку интернет, компјутери, мобилни телефони и платформи за социјални медиуми негативно влијае на концентрацијата, фокусот и социјалната интеракција. Ова резултира со пад на читањето книги, особено во печатен формат, и предизвика загриженост за вештините на учениците за читање со разбирање.

За да се справи со овој проблем, Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, со одобрување од Министерството за наука и образование, ќе реализира натпревар во раскажување прочитани книги на кој ќе можат да учествуваат ученици од сите основни училишта во земјава. Проектот има за цел да ја подобри јазичната писменост, да го подобри читањето со разбирање, да развие вештини за вербално изразување и стекнување навика за читање кај учениците. 


Учесниците на натпреварот ќе читаат книги по свој избор и потоа ќе ги раскажуваат пред публика составена од 3-4 деца на иста возраст, при што родителите ќе ги снимаат изведбите на мобилни уреди и ќе ги објавуваат на веб-страницата на натпреварот (www.fgm.org.mk). Натпреварувачите ќе добиваат поен за секоја прочитана книга, а на крајот од годишниот циклус, оние со најголем број прочитани книги ќе се натпреваруваат на настан во живо.

Жири комисија, составена од претставници од партнерите на проектот, ќе ги оценува перформансите на финалистите врз основа на однапред одредени критериуми за да ги одредат победниците. Фондацијата во соработка со спонзорските организации ќе обезбеди вредни награди за победниците. Првопласираните, второпласираните и третопласираните ќе добијат награди во вредност од 40.000 денари, заедно со вредносни ваучери од различни спонзори. 


Понатаму, учествувајќи на натпреварот, натпреварувачите добиваат можност да се запишат на Академијата за идни лидери Ѓорѓи Марјановиќ, која инаку е целосно бесплатна.

Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ ќе соработува со ценети организации како Правниот факултет „Јустинијан Први” од Скопје, Комората на психолози, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, Институтот за македонска литература и Здружението на издавачи.


Детални информации за натпреварот во раскажување достапни се на веб страната на Фондацијата: www.fgm.org.mk

За повеќе информации, ве молиме контактирајте:

Александар Марјановиќ, contact@fgm.org.mk, 076 406 996

За Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ:

Сѐ она што Ѓорѓи Марјановиќ го започна во 1984 година со неговата битка за укинување на вербалниот деликт како основен предуслов за развој на демократијата и создавање на повеќепартиски систем во тогашната СФРЈ, и сѐ она што се обидел да го реализира со првата политичка партија во Македонија, Лигата за Демократија, со визија МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ ПРИСТОЈНО МЕСТО ЗА  ЖИВЕЕЊЕ, сега продолжува да го реализира Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, со активности директно поврзани не само со оваа цел, туку и со афинитети по кои јавноста го познава професорот Марјановиќ – неговата љубов кон книгата, музиката, уметноста, планинарењето, неговите способност за дебатирање. Со оглед на тоа што тој на рана возраст ги губи и таткото и подоцна очувот (чие презиме цел живот го носи), во главен фокус на активностите на фондацијата ќе биде помошта за школување и вработувања на деца без родители, деца на самохрани родители но и останати ранливи категории. 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Museum Mashup – Ноќ на културата во стар град во Охрид

Денес, со почеток во 20:00 часот ве покануваме на една невообичаена староградска вечер на културата, …