Праведен Јосиф Обручник
Светиот Јосиф Обручник потекнувал од родот на царот Давид. Од првиот брак тој имал четири синови и две ќерки. Откако станал вдовец, светиот Јосиф живеел во строго воздржание. На осумдесетгодишна возраст бил избран од првосвештениците да биде чувар на девството на Пресвета Богородица, давајќи завет на безбрачност. За воплотувањето преку неа на Синот Божји му било јавено од Ангел. Светиот Јосиф бил присутен при поклонувањето на пастирите на Новородениот Младенец и при поклонувањето на магите. По укажување на Ангелот, тој побегнал, заедно со Божјата Мајка и со Богомладенецот Исус во Египет, спасувајќи ги од гневот на царот Ирод. Во Египет тој живеел со Богородица и со Богомладенецот, заработувајќи за нивното издржување со дрводелие. Се упокоил на возраст од околу сто години.
Свет цар и пророк Давид Псалмопевец
Светиот цар и пророк Давид бил предок по плот на Господа Исуса Христа. Тој бил осмиот и последен син на Јесеј, старешината на градот Витлеем. Во својата младост, Давид ги пасел овците на својот татко. Се одликувал со длабока вера и ревносно ја исполнувал волјата Божја. Кога Филистејците ја нападнале израелската земја, еден од нивните војници со име Голијат предизвикувал огромен страв кај Евреите бидејќи бил со огромен раст и голема сила, и никој од Евреите не се охрабрувал да му се спротивстави. Кога малечкиот Давид, кој бил дојден да им донесе храна на војниците, чул како Голијат ги навредува Евреите и нивниот Бог, излегол самиот тој на бој против него не носејќи никакво оружје – бидејќи бил премногу мал и слаб за да ги подигне штитот и мечот. Но, со еден удар со камен го усмртил Голијат, по што Евреите се охрабриле и ги победиле Филистејците. После смртта на првиот еврејски цар – Саул, Давид станал негов наследник. Мудро управувал со земјата и се трудел да му угоди на Бога. Основал нов град за престолнина на Израел и го нарекол „град на мирот“ – Јерусалим. Сакал таму да Му изгради храм на Бога, но Бог го известил дека тоа дело ќе го направи неговиот син – Самуил. За животот на царот Давид опширно е напишано во Светото Писмо, а неговите песни – псалмите, исто така претставуваат една книга од Стариот Завет – Псалтирот.
Св. апостол Јаков, брат Господов
Се нарекува брат Господов затоа што му беше син на праведниот Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. Кога праведниот Јосиф беше на умирање, па сакаше да Му остави еден дел и на Господ Исус, синот на Пресветата Дева Марија, сите браќа се спротивставија на ова, не сметајќи Го Исус за свој брат. Јаков многу Го љубеше Исуса и изјави дека тој ќе го подели својот дел со Него. И затоа се нарекува брат Господов. Од почетокот Му беше приврзан на Господ Исус. Според преданието тој и во Мисир одеше со Пресветата Дева и со Јосиф кога Ирод бараше да Го убие новородениот Цар. Штом ја чу Христовата наука Јаков почна да живее според неа. За него се вели дека целиот живот не јадел маст ниту зејтин, туку дека живеел само на леб и вода. И бил девственик до крајот на животот. Многу бдеел ноќе и Му се молел на Бога. Господ го вбројал во Своите Седумдесетмина апостоли. По воскресението на Господ Исус, Он нему му се јавил посебно, како што сведочи Св. апостол Павле (1 Кор. 15). Бил епископ во Јерусалим триесет години и ревносно управувал со Божјата Црква. По указ на Господ ја составил првата литургија, којашто за подоцните христијани беше премногу долга, па затоа ја скратуваа Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст. Многумина Евреи и Елини Св. Јаков ги обрати во верата Христова. И самите неверни Евреи ѝ се восхитуваа на неговата праведност и го нарекуваа Јаков Праведниот. Но кога дојде за првосвештеник Анан, тој со другите еврејски старешини намисли да го убие Јаков, со оглед дека е проповедник Христов. Еднаш на празникот Пасха, кога многу народ се беше собрал во Јерусалим, му рекоа старешините да се качи на покривот од храмот и оттаму да говори против Христа. Свети Јаков се качи и почна да му зборува на народот за Христа како за Син Божји и вистински Месија, за Неговото воскресение и за Неговата вечна слава на небесата. Разјарени свештениците и старешините го турнаа од покривот и тој падна и се повреди многу, но сè уште беше жив. Тогаш притрча еден човек и го удри по главата толку силно, што му го истури мозокот. И така сврши со маченичка смрт овој преславен Христов апостол и се пресели во царството на својот Господ. Јаков имаше шеесет и три години кога пострада за Христа.
Собор на Пресвета Богородица
На вториот ден од Божик, христијанската Црква ѝ оддава слава на Пресветата Божја Мајка, Којашто Го роди Господ и Спасителот наш Исус Христос. Ова празнување се нарекува Нејзин собор затоа што на тој ден се собираат сите верни за да Ја прослават Неа, Која е Богородица. Тогаш се служи торжествено, соборно, во Нејзина чест. Во Охрид од древноста беше устроено наспроти вториот ден на Божик вечерната да се служи само во црквата на Пресвета Богородица, наречена Челница. Целото свештенство со народот овде соборно Ја прославуваше Пречистата Божја Мајка.