Ако вашиот лекар ве советувал да работите на намалување на крвниот притисок или на подобрување на вашето кардиоваскуларно здравје, можеби не знаете од каде да започнете. Не е лесно да се ослободиме од навиките кои ги практикуваме со години без размислување.
Охрабрувачката вест е дека 90 проценти од срцевите заболувања може да се спречат преку исхрана и здрав начин на живот. Кардиологот др. Каустуб Дабхадкар вели дека клучот за здраво срце е да се прават долгорочни промени смислено и постепено.
„Тоа е поефикасно отколку да се обидувате да го промените целото мени или начин на живот одеднаш. Има една промена која може да направи голема разлика и да има позитивно влијание врз здравјето на срцето, а ние секогаш им ја препорачуваме прво на луѓето. Гответе повеќе”, рекол тој.
Докторот тврди дека готвењето има такво влијание затоа што ја намалува количината на преработена храна што обично ја јадеме. Според Центрите за контрола и превенција на болести, 70 проценти од натриумот што Американците го консумираат доаѓа од преработена храна или оброци што ги јадеме надвор. Ова е клучно бидејќи исхраната богата со натриум е директно поврзана со високиот крвен притисок и лошото кардиоваскуларно здравје.
Кога готвите сами, можете да ги контролирате сите употребени состојки, не само солта, туку и рафинираните јаглехидрати, шеќерот и заситените масти.
„Исхраната богата со калории, особено заситени масти, транс масти и рафинирани јаглехидрати, го зголемува нивото на лоши масти во телото и нивото на инсулин. Тоа го зголемува и таложењето на холстеролот во артериите и формирање на наслаги во нив“, објаснил тој.
Според др. Дабхадкар, најлошата храна за здравјето на срцето се чипсот, сладоледот и пијалоците засладени со шеќер. Кога готвите оброци дома, фокусирајте се на храна која е добар извор на влакна и незаситени масти и има низок гликемиски индекс. Покрај горенаведеното, вежбањето, намалувањето на стресот, доволното спиење и одржувањето социјални контакти се корисни за здравјето на срцето.