(ВИДЕО+ФОТО) Интервју со дизајнерката Маја Кикириткова: „Првите парчиња облека ги сошив од кеси за прашок“

Дизајнерката Маја Кикириткова е скоро 15 години на модната сцена во Македонија. Неодамна на Скопскиот моден фестивал ја претстави својата најнова колекција која е инспирирана од самоуверените жени кои не ја следат слепо модата. Моделите што ги промовираше веќе биле во фаза на подготовка кога ѝ се јавиле организаторите на настанот, па Кикириткова веднаш ја прифатила поканата.

This image has an empty alt attribute; its file name is maja-kikiritkova-1.jpg


„Колекцијата беше при крај, а и одамна се немав претставено пред публиката и ова беше одлична прилика. Јас претходно носев фустан од оваа колекција на крштевката на ќерка ми и добив многу позитивни коментари за моделот. Мојот сопруг со години ми вели дека јас најдобро го презентирам тоа што го креирам самата и затоа клиентите ми веруваат и ги купуваат моите дизајни”, вели Маја, која освен што креира, работи и како професор за моден дизајн на Универзитетот во Приштина.

Модата ја сака од мала. Со многу жар зборува за детството во Штип, кога ги направила првите парчиња облека. „Сите фустани на мајка ми ѝ ги предизајнирав уште како дете. Па и венчаницата веќе не е како што била. Се сеќавам, еден ден исеков кеси од прашок, кои во тоа време имаа рачки, и направив сукња и блуза со прерамки”, се сеќава Кикириткова. Но, ни призна дека музиката ѝ била прва љубов пред модата, оти потекнува од уметничко семејство.


This image has an empty alt attribute; its file name is maja-kikiritkova-4.jpg

„Татко ми е композитор, брат ми музичар и јас многу сакав да пеам. Кога доаѓаа кај татко ми видни пејачи да купат песни, јас ги пеев демо снимките за пејачките, пошто нели, друго е кога машко ќе испее женска песна, а друго е кога ќе се испее со женски вокал. Ама, татко ми во тоа време велеше дека не ќерка му нема да биде пејачка бидејќи таа професија не е за жена”, раскажува таа за „Репортер”.


Запишала факултет за дизајн во Белград, оти преку модата најдобро ја изразува својата креативност. Денес има два модни бренда, „Елеазар” за дами и брендот за деца „Совршен пар”.

This image has an empty alt attribute; its file name is maja-kikiritkova-3.jpg

„Идејата за детскиот бренд се роди во време на короната, сакав да направам меки кукли кои ќе бидат облечени исто како и децата. Кога му кажав на сопругот, ми рече: ‘Маја, оваа идеја ти е катастрофа’. Ама низ годините се покажало дека тоа што тој мисли дека ќе помине лошо, всушност поминува одлично, па знаев дека оваа колекција ќе има успех”, искрена е таа.

This image has an empty alt attribute; its file name is maja-kikiritkova-2.jpg

Мајка е на две деца, Лазар и Ева кои се родени со царски рез во 34 недела од бременоста. „Имав нормална бременост двата пати, ама ете, двете деца се родени предвреме бидејќи ми се одлепи плацентата. И затоа мораше лекарите да реагираат веднаш. Потешко ми беше првиот пат, Лазар беше 20 дена во инкубатор, па дома се вративме без него. Ева иако се роди со иста килажа како брат ѝ, не ја ставија во инкубатор. Лекарите ми рекоа дека женските деца се поцрвсти и по неколку дена си дојдовме заедно дома”, раскажува Маја.
Зборувавме и за стравовите што ги доживеала при раѓањето на децата, колку ѝ се смени животот откако стана мајка, ама и колку ѝ се децата инспирација за сè што работи. Но и за свадбата во стилот на „Големиот Гетсби”, зошто носеше розов фустан на свадбената фотосесија иако не сака розова боја, каква е модата во Приштина, кој е главен кога прават караоке забави со пријателите и дали се доживува како моден инфлуенсер… гледајте го видеото.

Фото: Принтскрин/YouTube/reporter.mk

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ТЕСТ ЗА ЛИЧНОСТ на Фројд: Одговорете на осум кратки прашања и дојдете до најдлабоката точка на вашата потсвест

Одговорите нека бидат она на што прво ќе помислите Зигмунд Фројд се смета за татко …