Самостојна изложба на Мирослав Масин во галеријата „Ел Греко“

Најновиот проект на Галеријата „Ел Греко“, е самостојната изложба на Мирослав Масин која ќе се отвори на 26 ноември во 13.00 часот.
Мирослав Масин уметничката кариера ја започнува повлијаен од експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Уште од најраните уметнички инспирации се следат анималните тематики, а пред се птици, кои се провлекуваат низ целиот неговопус.

This image has an empty alt attribute; its file name is masin-1.jpg


Тие се мотив и за последната негова голема изложба во МАНУ, 2019 година „Подобро на гранка, одошто заглавен во лифт“ пропратена со слоганот „Ќе летаат пердуви“, а истите се актуелни и во неговиот последен циклус цртежи кој рецентно се изложува во галеријата „Ел Греко“. Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност.

Најновиот циклус птици се одликува со едноставност, црно бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон тематот, но различна „акцијата“ на линеарно обликуванaта птица. Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата ја чинат композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична. Овојпат внимавајте, не летаат пердуви, „паѓаат јајца на око“!


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

НОБ: На 2. декември изведба на балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус

На сцената на Националната опера и балет на 2 декември 2022 со почеток во 20.00 …