Ниплпипл, Луфтанза, Хајка, Кантон6 и најпознатите скопски диџеи на фестивалот „Градот ме тера да пеам“

Утревечер (сабота), со почеток во 21 часот, во МКЦ ќе се одржи 12то издание на ПМГ Рекордингс фестивал со наслов „Градот ме тера да пеам”. Со квалитетна музучка понуда и на два музички подиуми, фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар.

На првиот и главен подиум, гости и ѕвезди на фестивалот се Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска, еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот. Музичките критичари ги дефинираат како „перверзно среќен трип – хоп”, а нивниот сценски настап го споредуваат со оној на светски познатите бендови како The Knife и Goldfrapp. Нивната песна „Фрка” е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а скопската публика веќе има изградено одлична комуникација со бендот.


„Луфтанза” е еден од македонските водечки бендови на новата генерација, кој носи свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Пред само неколку денови го издадоа новиот албум „Давор” за ПМГ Рекордингс, а утревечер на фестивалот ќе се претстават со целовечерен концерт, на кој и ќе го промовираат албумот. Луфтанза се  бенд со експериментален и агресивен дух, кој спојувајќи ја својата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалоста и конформизмот на фабричката еднолична музика. Млади, амбициозни и културно освестени, тие се предодредени да запишат релевантна историја во современата македонска музика. Вистински ѕвезди во перспектива.

„Хајка” е бендот на годината. Настапија на сите поважни настани низ земјата и патем ги освоија срцата на публиката. За нив се пишува, се зборува, а на ПМГ Рекордингс фестивалот во МКЦ, освен фуриозна свирка, очекуваме и промоција на нивниот нов видео спот.


„Бендот го оформивме со цел да ја размрдаме малку сцената и да го прекршиме статус-квото на статичните бендови. Пред неколку години, кога почнувавме, бевме незадоволни од домашната музичка сцена. Младите имаат доволно енергија во себе која треба да се канализира правилно и умно. Филозофијата позади песните ни е да бидеме брзи, гласни и бесни и да кажеме сѐ што ќе ни дојде на ум без филтер. Главната филозофија е да го правиме она што ни звучи или изгледа убаво и интересно без да следиме некои правила”, велат од бендот.

Програмата на главната сцена ќе ја надополнат и младите битолчани Cut Your Nipple и феноменалниот скопски електро-етно-џез состав „Кантон6″.


Вториот подиум за танц, под името „PMG Tanz Digital stage”, ќе биде отворен во холот пред киното Фросина и ќе биде целосно посветен на електронската музика. Настап во живо ќе забележи талентираниот кавадарчанец Зоран Веселинов, а со диџеј сетови ќе се претстават некои од најквалитетните имиња кои гравитираат околу ПМГ лејблот: Галатеа, Андреја Салпе и Виолета Качакова.

ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, која со повеќе од 200 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении.

Фестивалските врати се отвораат во 20.30 часот, а програмата ќе се одвива на два подиума  до 3 часот по полноќ. Влезниците се пуштени во претпродажба на билетарницата на МКЦ Скопје и он лајн на следниот линк: https://bileti.mkc.mk/index.php?id=1130 .

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Редовното консумирање на една намирница може да го намали ризикот од срцеви проблеми

Љубителите на сирење имаат 38. отсто помали шанси да заболат од срцева слабост отколку оние …