Обвинителот во американската сојузна држава Ново Мексико изјави дека спогодбата постигната меѓу актерот Алек Болдвин и семејството на кинематограферот Халина Хачинс, која беше убиена за време на снимањето на вестернот „Rust“ во 2021 година, нема да влијае на нејзината конечна одлука дали ќе се подигне обвинителен акт.
-Доколку фактите и доказите налагаат кривична пријава според законот на Ново Мексико, тогаш ќе бидат поднесени обвиненија. Никој не е над законот, се вели во соопштението од канцеларијата на Мери Кармак-Алтвис, првиот судски окружен обвинител на Ново Мексико.
Семејството на Халин Хачинс и Алек Болдвин постигнале спогодба по нивната тужба против Болдвин и неговите соработници за нејзината смрт, објави вчера адвокатот на Болдвин.
Метју Хачинс, вдовецот на убиената Халина Хачинс, како дел од спогодбата ќе биде извршен продуцент на филмот и ќе добие дел од профитот.
Во тужбата, поднесена во февруари во Санта Фе против Болдвин, продуцентската компанија, продуцентите и другите клучни членови на екипажот, се наведуваат бројни прекршувања на индустриските стандарди.
Во тужбата, која беше отфрлена, се наведува дека продукцијата „одлучила да ја ангажира најевтината достапна екипа“ и дека „свесно ангажирале целосно неквалификуван соработник како пиштолџија и помошник мајстор за реквизити“.
Филмскиот режисер Џоел Соуза, кој беше повреден во пукањето, се очекува наскоро да се врати во филмот, додава Си-Ен-Ен.
Полицијата во октомври минатата година соопшти дека Болдвин испукал истрели од сценски пиштол, убивајќи ја Хачинс и ранувајќи го Соуза на снимањето на филмот „Rust“ во американската сојузна држава Ново Мексико.
Како што тогаш објавија медиумите, Болдвин од новинарите пред канцеларијата на шерифот на округот Санта Фе бил пронајден вознемирен и во солзи.
Фото: Архива