(ФОТО) Ѓоко Ѓорчев живее втор живот: „Мојот Сале не преживеа, а мене Господ ме спаси!“

„Животот знае да напише таков роман, каков што ниту еден светски сценарист не може ни да замисли. Мојата случка којашто ме промени од темел, а и во огромна мера придонесе да започнам да се занимавам професионално со музика датира од пред 33. години, на денешен ден, а еве денес, по сето ова време дознав и нови детали кои не сум ги знаел“ – за „Фокус” раскажува поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, кој за прв пат со јавноста ја споделува својата приказна за втората животна шанса, но и за загубата на блискиот пријател, српскиот музичар Саша Којиќ.

-Со Саша се запознав многу одамна, сосема случајно, кога во Неготино ја отворив првата видеотека во градот, а можеби и во Македонија. Тој живееше во Белград и имаше огромно студио за видео касети, а исто така се занимаваше и со музика. Професионалната соработка со видеотеката прерасна и во пријателство.
Саша, или како што јас го викав Сале, беше прекрасно момче, кое на сите им прираснуваше на срце за кратко време. Тој дојде кај мене во Неготино, потоа јас отидов кај него во Белград, пријателството ни се продлабочи и станавме редовни гости во нашите домови. Луѓето во Неготино го запознаа, го засакаа, јас се зближив со неговите родители. Станавме како браќа.


Во тој период, јас професионално не се занимавав со музика, а тој веќе имаше кариера. Решивме да му организирам концерт во Неготино, во Спортската сала Младост, каде и јас настапив аматерски со неколку песни. Сале се воодушеви кога ме слушна. Ми рече – Ѓоле, ако не направиш кариера, си го зафркнал целиот живот! Ти мора да пееш!

Не го сфатив тогаш сериозно… Помина време, интензивно се дружевме, тој беше многу згодно момче, ја имаше најубавата девојка во Белград, познат модел. Го сними првиот албум. Пред 33 години, на вчерашен ден, јас заминав авионски кај него. Ме пречека со својот автомобил, беше нешто пред полноќ.


This image has an empty alt attribute; its file name is gjoko-i-sale.jpg

Двајцата тргнавме кон студиото на Борис Бизетиќ, композитор и основач на групата ,,Рокери с Мораву” да земеме некои материјали. Во центарот на Белград, кај хотел Славија се случи трагедијата. Сале удри со автомобилот во автобус. Јас не се сеќавам на ништо, сум излетал од возилото кое се распаднало, откако го извадиле Сале, дури потоа случајно некој ме забележал дека лежам надвор во кршотините во бессознание- се присетува Ѓорчев.


Вели дека по настанот кој се случил неколку минути пред полноќ, односно по околу 15 минути, Сале починал. Имал само 26 години. Тој не знаел за тоа, со потрес на мозокот, набиени гради и скршеница на ногата бил префрлен на клиника. Кога се освестил и прашал за другарот, лекарите му кажувале дека Сале е на операција.
-Кога ме отпуштија од клиника, ме зеде пријател на татко ми и ме однесе во својот дом во Белград. Од таму требаше да ме префрлат во Неготино. Постојано прашував за Сале, и кога го зедов телефонот да ѕвонам во клиничкиот центар, пријателот на татко ми само ми рече – Ѓоле, немој… Си отиде Сале.

Бев скршен. Не можев да сфатам дека тој, мојот најдобар пријател, во цутот на својата младост, кога имаше многу што да му понуди на светот, ја заврши својата животна приказна. Ме однесоа во Неготино, во тој период синовите ми беа мали, на осум и десет-годишна возраст, семејството ме чекаше, а јас цел месец не можев да се помирам со судбината и минував низ тешка агонија.

Многу ми помогна лекар од Неготино, постојано разговаравме, едноставно немав волја да продолжам, но со негова помош успеав да најдам сила, да се помирам дека ете, така требало да биде.
По сообраќајката, весниците во Србија известуваа за настанот, и прочитав дека мене ме спасило тоа што не бев врзан со сигурносниот појас. Затоа и сум излетал надвор од возилото, од кое не остана ништо од ударот.
-Така требало да биде, имаш деца за гледање, ми одѕвонуваа зборовите на лекарот постојано, и собрав сили да продолжам напред.
Но, зборовите на Сале, дека треба да започнам професионално со музика, ми дадоа поттик да влезам во светот на естрадата. Чекор по чекор, тоа и го направив во наредните години – си спомнува музичарот.
Вели дека секоја година, на годишнината од смртта на Сале, тој одел во неготинскиот манастир и палел свеќа. Оваа година, објавил и фотографија од него на социјалните мрежи. Она кое се случило потоа, навистина го изненадило.
-Добив повик од наш сограѓанин, мој сосед, кој го познаваше Сале од времето кога тој доаѓаше во Неготино. Ми кажа дека случајно забележал објава кај српскиот пејач Драган Којиќ Кеба, во која тој исто така се присетува на Сале, кој бил негов внук од брат, и кому дури и му посветил песна. Јас за цело ова време не знаев дека Кеба му е чичко на Сале! Во тоа време, кога се дружевме, Кеба не беше популарен пејач.

Песната која ја објавил Кеба е балада, во која пее за братот кој повеќе го нема. Многу се потресов, бура од емоции ме преплави. И Кеба не ме познава мене, сигурен сум дека не знае дека човекот кој беше во автомобилот со Сале денес е изградено музичко име, дека уште ме боли она кое се случи и никогаш нема да го заборавам мојот другар.

Би сакал од се срце да се сретнеме со Кеба. Да споделиме спомени за Сале, да се видиме, да ја поделиме тагата.
Денес, по 33 години од трагедијата, дознавам вакво нешто, кое никогаш не сум можел ниту да го претпоставам, и покрај тоа што Сале и Кеба имаат исто презиме.

А, толку пати сме биле во близина, Кеба имал многу настапи и концерти во Македонија… Верувам дека мојата приказна ќе допре до него и ќе се сретнеме- раскажува Ѓорчев.
Додава дека загубата на Сале е нешто кое ќе го тишти целиот живот, а откритието дека Кеба е негов чичко само уште еднаш му докажало дека судбината има чудни и непредвидливи патишта.

Вики Клинчарова
Извор: fokus.mk

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Редовното консумирање на една намирница може да го намали ризикот од срцеви проблеми

Љубителите на сирење имаат 38. отсто помали шанси да заболат од срцева слабост отколку оние …