(ФОТО) Перес најбрз во Сингапур, Ферстапен ја пропушти првата прилика

Ферстапен веќе можеше да ја освои титулата светски шампион во Формула 1 во Сингапур, но не ја имаше најдобрата трка, па ја пропушти првата можност.
Серхио Перес, возачот на Ред Бул, беше најбрз на Формула 1 трката во Сингапур. Додуша, Мексиканецот е под истрага со оглед на тоа што прерано стартувал при рестартирањето по излегувањето на безбедносниот автомобил. Сепак, разликата е голема (7,5 секунди), па за очекување е Мексиканецот да биде казнет со максимални пет секунди. Во тој случај, ова би му била втора победа сезонава и четврта во кариерата.

Перес водеше од самиот старт, речиси и да немаше сомнеж за победникот на трката. Мексиканецот ја заврши трката пред двете Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинц Јуниор.


Макс Ферстапен ја испушти првата „меч топка“ за титулата. На крајот заврши седми, а имаше шанса и за многу подобар пласман. Сепак, згреши при кочењето во борбата со Норис за четвртото место, доколку не го направеше тоа ќе имаше шанса да стигне до подиумот.
Инаку, во Сингапур требаше да се извозат 61 круг, но не беше така поради ограничувањето на максималното времетраење на трката од два часа, па заврши со два круга помалку. Трката ја одбележаа две излгувања на безбедносното возило и три периоди на виртуелното. Безбедносното возило беше на патеката прво во осмиот круг, кога Латифи го турна Џоу, а вториот пат во 36-от круг, кога Цунода удри во ѕид.

Виртуелниот период беше одбележан со повлекувањето на Алонсо, кој неславно го одбележа својот рекорден 350-ти старт, кога Албон удри во ѕидот, а потоа и Окон.

Дуото на Мекларен Ландо Норис и Даниел Рикиардо заврши пред Ленс Строл во Астон Мартин, кој го имаше најдобриот резултат сезонава. На крајот, Ферстапен беше седми, пред двајцата поранешни шампиони, Себастијан Фетел и Луис Хамилтон, а последниот бод му припадна на Пјер Гасли во болидот на Алфа Таури.

Фото: Принтскрин/Twitter

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ЛУДИЛО НА ПОСЛЕДЕНОТО КОЛО – Денеска исходот во групите А и Б, Англија и Холандија може да останат без осминафиналето на Мундијалот

Со денешните натпревари во групите А и Б започнува лудилото од последното коло на Светското …