Од 30. септември до 4.октомври ПРВО ИЗДАНИЕ НА ИФДТ „ИГОР МАЏИРОВ“ 2022

Од 30. септември до 4.октомври ќе се одржи првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, во организација на Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје. Долгогодишната желба и идеја на целиот колектив од театарот, конечно се реализира, истакна директорката на театарот.

This image has an empty alt attribute; its file name is plakat-za-festivalot-jpg-1.jpg
„Во далечната 1996 година, бевме домаќини на една регионална иницијатива наречена „Балкански куклен фестивал“, но сега за прв пат сме домаќини на еден поголем и позначаен фестивал за нас, што го носи името на актерот кој беше на свој начин заштитен белег за овој театар и генерално за детската театарска и филмска публика.“, рече Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.


This image has an empty alt attribute; its file name is Press-fotka-2-IFDT-IM-rotated-e1664366368959.jpg
Фестивалот е со натпреварувачка програма и на првото издание ќе настапат девет претстави и тоа: „Том Соер“ на свеченото отворање во изведба на домаќините (ТДМ), „Авантурите на Баронот Минхаузен“, на „Жар птица“ театарот од Загреб, Хрватска. Потоа следат „Тивкото момче“ на детскиот театар од Крагуевац, Србија, „Мачката папучарка“ од Градскиот театар на Подгорица, Црна Гора, „Вечерва не сум сама“, во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци од Скопје,„Авантурите на малиот Јују“, на градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска, „Јованче и Марика“ на театарот „Битолино“ од Битола, „До границата“, на театарската компанија „Петра“ од Итлија и претставата „Жирафа“, на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција.

This image has an empty alt attribute; its file name is Press-fotka-1-IFDT-IM.jpg
Во рамките на фестивалот, покрај селектираните претстави ќе има и три дневна работилница за кукларство, предводена од режисерот Јакуб Максимов од Чешка, а ќе се одржи и панел дискусија на која ќе има презентација за меѓународната соработка на детските театарски продукции, преку искустватана српскиот национален центар на меѓународната асоцијација на детски театри „АСИТЕЖ“.
Селектор на фестивалот е актерот, Владимир Лазовски кој според Претседателот на Советот Драган Довлев направил одлична селекција на претстави.
„Среќен сум што имаме фестивал и среќен сум што го носи името на нашиот колега Игор Маџиров. Во рамките на свеченото отворање, планираме постхумно да му доделиме признание во форма на плакета, на членовите на неговото семејство за придонесот, трудот и трагата која ја остави за нашиот театар и општо културата во нашата земја.“,потенцираше Довлев.


This image has an empty alt attribute; its file name is Pres-fotka-4-fin.jpg
Пораката што оваа година ја упатува фестивалот е „Види нови светови, остани дете“, предлог на истакнатиот поет Никола Маџиров, што беше со голема радост прифатен од фестивалската организација.
„Упатувам порака до сите деца и родители. Дојдете во детскиот театар, гледајте претстави и откријте нови светови. За миг побегнете од компјутерската реалност“, истакна Изабела Новотни актерка, која е член на Советот на фестивалот.

This image has an empty alt attribute; its file name is IFDT_IgorMadzirov_logo-1.jpg
Визуелниот идентитет на годинешното издание е на авторката Јана Андева, а како извршен продуцент се јавува Миодраг Костиќ. Фестивалот е со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат награди за: Гран при најдобра претстава во целина, Награда за најдобра режија, Награда за костимографија, сценографија, музика, Награда за најдобар актер и актерка. За нив ќе одлучува три члено жири во состав: Диана Крзаниќ Тепавац, актерка и претседател на „АСИТЕЖ“ Србија, Благој Чоревски и режисерката Драгана Милошевски Попов.
Билетите се по цена од 200 денари и може да се набават на билетарницата на Театарот за деца и младинци или онлајн на www.puppet.com.mk.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Кино за млади“ во Скопје

Два филма од поновата европска продукција на 28 и 29 ноември (понеделник и вторник) бесплатно …