Интервју со Антони Анев од „Преку ред“: Едвај чекам да дојде 1-ви Октомври, да се видиме на Underfest, и да отсвириме нешто од тоа што го спремаме

Преку ред“ се резервирани за „Андерфест 2022“ на 1 октомври 2022. Инаку, „Преку Ред“ е рок бенд од Скопје, формиран во 2019. Членови се Антони Анев (вокалист), Христијан Тасевски (гитарист), Никола Стојменов (басист) и Марко Захариев (тапанар). Во првите две години од своето постоење бендот има настапувано на неколку средношколски свирки, а во октомври 2021., ја издава својата прва песна “Ќе те барам”.

  • Што ве инспирираше да направите бенд и да започнете да создавате музика

Се најдовме правите луѓе, со исти цели и исти амбиции. Кога се запознававме многу брзо кликнавме и беше многу очигледно дека треба да пробаме да направиме нешто заедно.


  • Кој е најдобриот совет што сте го добиле од некој ваш колега музичар

Генерално, не сум многу добар во примање совети и тоа некогаш знае да ми се одбие од глава. Ама се’ почесто се среќавам со луѓе кои долго време ми биле идоли, и не ме оставаат да учам по пат на обиди и грешки, туку сакаат да ми пренесат дел од нивното искуство, што некогаш многу ми помага и ми значи.

  • Дали имате некој ритуал пред настап (за да ја намалите тремата)

Пред настап обично сме некаде седнати, правиме бош муабети, тепаме време или чекаме да дојде некој што касни да му мр’чиме. Најчесто како да сме некаде излезени, без да мислиме многу на настапот што следи, затоа што кога ќе излеземе на сцена, сакаме да биде спонтано и искрено.


  • Како би ја опишале моменталната рок сцена во Скопје и во Македонија

Квалитетна рок сцена секогаш имало и ќе има. На нашата сцена моментално се актуелни многу квалитетни бендови и артисти од кои не би можел да најдам ни два што се слични еден со друг.


  • Дали има доволно простор и можности за настап и промоција на младите артисти

Со ПрекуРед не сме долго време на сцената, ама и за тоа време што сме, ни се пружија многу прилики да настапуваме и да го претставиме тоа што го работиме. 

  • Кои се вашите идни планови во поглед на издавање албум и на настапи

Во многу скоро време ќе го објавиме вториот сингл „Без Гајле“, а исто така работиме и на прв албум за кој периодов ја кристализираме замислата, и кај и да е треба да влеземе во студио и да почнеме со снимање. Едвај чекам да дојде 1-ви Октомври, да се видиме на Underfest, и да отсвириме нешто од тоа што го спремаме.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Вера Ванг споделила ретка семејна фотографија: Изгледа младолико скоро како нејзините ќерки

Модната дизајнерка Вера Ванг има 73. години, но сите што ја познаваат велат дека престанала …