ДОАЃАМЕ СО ПОКЛОН – самостојна изложба на Шејла Камериќ и разговор со уметницата

27. 09. 2022 (вторник) Чифте Амам

19:00 часот – разговор со уметницата


20:30 часот – официјално отворање

Во пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, за првпат во Северна Македонија имаме чест и радост да ја претставиме Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата насловена „Доаѓаме со поклон”. Изложбата е во соработка со Националната галерија промотор на современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ. Воедно, во рамки на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, низ кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Низ разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитријевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата.


КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

This image has an empty alt attribute; its file name is NASTAN-27-09-Izlozba-Shejla-MK.png


ЗА КОНЦЕПТОТ НА ИЗЛОЖБАТА „ДОАЃАМЕ СО ПОКЛОН”

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и пост-структуралистичките гледишта, изложбата исто така има за цел да расветли обични, домашни и познати секојденвни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон”, коешто прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс-панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.

Метафоричката вредност што ја содржи ова дело постои и во многу други, на различни начини. Многу од делата нè потсетуваат на предмети од домаќинството и на типично „женски” рутини: плетење, ткаење, работа низ градината; да се биде мајка; па дури и „да се биде” подарок, подарен некому (затоа, доаѓаме со поклон). Шејла Камериќ ги употребува овие процеси и состојби за да ги истражи и доведува во прашање (де)конструкцијата на родот, идентитетот, интимноста и сексуалноста, како и општествената, политичката и економска потчинетост на жените и нивните претстави во рамки на патријархалните општества и неолибералниот капитализам. Во таа смисла, зборот поклон, со англискиот спелинг bow, би можел различно да се прочита и протолкува: тоа bow се однесува и на наведнување, свивање, покажување дека се предаваме, покоруваме, прифаќаме, што исто така вообичаено може да се види пред или по перформансот. Да се прочита зборот различно и да се согледа и со оваа конотација исто така е поврзано со тоа како живееле жените во општествата што ни се познати досега.

Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, „Мајката е кучка”, други фотографски дела („Емабаразада” и „Непознато”) како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната” и „Дигитални актови”. Исто така ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози”, коешто продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена”, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока. Плетените цвеќиња, или поточно рози (цветови исполнети со симболичното значење на љубовта, моќта, убавината, сексуалноста, мистицизмот и жртвувањето) веднаш нè потсетуваат на Hortus conclusus, мотив од христијанската иконографија, популарен во доцниот среден век и раната ренесанса. Како што тврди Лиз Херберт Мекевој од Универзитетот Свонзи: „Идејата „да се заштитат жените од грев” е неискрена, иако сеприсутна. Во повеќето култури, на женската сексуалност се гледа како на опасна од страна на мажите. Со нејзиното затворање, тие ја „спречуваат” таа закана, а истовремено се преправаат дека ги заштитуваат жените од мажите.”

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Кино за млади“ во Скопје

Два филма од поновата европска продукција на 28 и 29 ноември (понеделник и вторник) бесплатно …