Денес е спомен на Светиот свештеномаченик Автоном: И после 200. години мнозина болни добија здравје од светите мошти

Православните христијани денес ги слават Светиот свештеномаченик Автоном, Светиот маченик Јулијан со четириесетмина другари, Светиот свештеномаченик Корнут, епископ Икониски,Светите маченици Македониј, Татијан и Теодул…

Се оддалечи во времето на гонењето на Диоклецијан од Италија во Витинија Азиска, во местото наречено Сореос и таму долго време помина во христијански подвиг и изгради црква посветена на Светиот Архангел Михаил. Престојуваше во куќата на еден добар христијанин Корнелиј, когошто Автоном го посвети најпрво за презвитер, а потоа и за епископ. Недалеку од градот Сореос беше местото Лимна, населено само со незнабошци. Свети Автоном отиде во тоа место и набргу многумина ги просвети со Христовото Евангелие. Тоа ги озлоби незнабошците и тие еден ден јурнаа во црквата на Св. Архангел Михаил во Сореос и за време на богослужбата го убија Автоном во олтарот, а убија и многумина други христијани во храмот. Во времето на царот Константин, на гробот на Св. Автоном подигна храм некој царски големец Севиријан. Двесте години после својата смрт Св. Автоном му се јави на еден војник по име Јован. Тој Јован ги откопа моштите на светителот и ги најде сосема нетлени. И мнозина болни добија здравје од светите мошти. Така, Бог го прослави оној кој Него Го прославуваше за време на животот на земјата.


Светиот маченик Јулијан со четириесетмина другари
Сите пострадаа околу 300 година. Прво беа мачени, па убиени со меч. Пред својата смрт, Св. Јулијан Го молеше Бога вака: „На оние што ќе земаат од правот мој, подај им, Господи, простување на гревовите и стивнување на страстите. Нивните полиња нека не ги напаѓаат ни штетни птици, ни скакулци, ни гасеници, ни други смртоносители, а мојот дух прими го во мир.“

Светиот свештеномаченик Корнут, епископ Икониски
Родум од Никомидија од селото Салата. Беше веќе сосем стар кога настана гонењето во времето на Декиј и Валеријан. Некој мачител на христијаните Перениј дојде во Никомидија и почна да трага по христијани. Христијаните излегоа од градот и се сокрија, а нивниот престарен епископ не сакаше да се повлекува, туку сам лично отиде пред Перениј и се објави себеси како христијанин. Мачителот го врза и нареди да го влечат по градот, додека од него не истече многу крв. Својата света душа ја предаде на Бога под меч.


Светите маченици Македониј, Татијан и Теодул
Пострадаа за Христа во времето на Јулијан богоотстапникот, а во местото Мероса Фригиска. Беа луто мачени заради разорувањето на некоја идолска статуа. Ги печеа на железна леса сè додека не Му ги предадоа душите на Бога. Додека ги гореа на оган овие храбри мажи му се потсмеваа на мачителот: „Нема да пробаш од нашето месо како е испечено?“ И уште велеа, како славниот ѓакон Леонтиј: „Сврти нè на другата страна, затоа што оваа веќе се испече!“ Гледајќи ги и слушајќи ги мачениците на огнот, нивниот мачител беше многу поисплашен и позбунет отколку тие.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска се слави Свети Јован Златоуст: Народни обичаи и верувања!

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка …