Денеска се слават Светите маченички Минодора, Митродора и Нимфодора:Сами се приносеа за жртви на Бога!

Православната црква денеска го одбележува споменот на Светите маченички Минодора, Митродора и Нимфодора, на Светата царица Пулхерија…

Трите се родени сестри од некое место во Витинија Азиска. Воспитани во хрситијански дух, се повлекоа од градот во пустината, сакајќи да го воздигнат својот ум кон Бога и да се ослободат од сиот лажлив свет и така да го проживеат овој век во чистота и девственост, како вистински невести Христови. Се предадоа на голем труд, пост и молитва, додека Бог не ги украси со дар на чудотворство. Кога почнаа кај нив да доаѓаат болни заради исцеленија, станаа прочуени наспроти нивната волја. Слушна за нив и кнезот Фронтон и ги довлече на суд. Кога ги виде, се зачуди од убавината на нивните лица. Бидејќи иако беа големи испоснички, и телото им беше суво, лицето им беше светло, озарено со внатрешен мир и Божествена благодат. Кнезот најпрво им ласкаше и им ветуваше да ги испрати кај царот којшто би ги омажил за свои големци, но кога се увери дека неговите ласкања и ветувања немаат никакво дејство врз овие невести на Господ Исус Христос, нареди, па прво ја мачеа Минодора, а нејзините сестри ги фрлија во затвор.

loading...

 


По лутите маки кнезот ѝ свика на Минодора: „Принеси им жртва на боговите!“ На ова, Светата маченичка одговори: „Зар не гледаш дека ништо друго и не правам туку самата себеси Му се принесувам на жртва на мојот Бог?“ Кога Света Минодора издивна во маки, тогаш кнезот ги изведе и останатите две сестри и ги постави покрај мртвото тело на Минодора, па покажувајќи на неа ги советуваше да се одречат од Христа. Но, бидејќи останаа непоколебливи и нив ги уби во големи маки. Во тој миг удри гром од небото и го погуби бездушниот Фронтон со неговите слуги. Христијаните чесно ги погребаа телата на Светите маченички. Пострадаа меѓу 305. и 311. година во времето на Максимијан Галериј и се упокоија во Христовото Царство.

Светата царица Пулхерија
Именден слават Дивна, Убавка, Лепа
Ќерка на царот Аркадиј. Се заветуваше вечно да живее во девственост и во знак на својот завет во соборната црква подигна Чесна Трпеза од злато и скапоцени камења. Соцаруваше со својот брат Теодосиј Помладиот. Голема ревнителка за христијанската вера. На нејзино настојување е свикан Третиот Вселенски Собор во Ефес, кој ја осуди Несториевата ерес. Таа ја изгради прочуената црква на Пресвета Богородица во Влахерна во Цариград. По смртта на Теодосиј, се венча со новоизбраниот цар Маркијан, но живееше со него како со брат. Таа ги пронајде моштите на Светите четириесет Севастиски маченици. Се упокои во Господа на 23. септември, во педесет и петтата година од животот.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска се слави Преподобна Теодора Цариградска: Божја благодат да скротува ѕверови, исцелува болести, изведе вода во сув бунар

Од Александрија, жена на млад маж. Наговорена од некоја бајачка, таа изврши прељуба со друг …