Оливера Николова: Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, сè додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас

Денес, кога мојата земја и мојот јазик успешно го множат своето ехо, а ние се чувствуваме срчни и полетни, зошто да не кажеме дека еве, и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите? Мрежата на светот како некоја земна галаксија во која сите соѕвездија светат подеднакво за секого. Дека се трудиме да веруваме оти е тоа така и дека мора да биде така. Нели веќе без страв го исправаме своето пред плимата на туѓото? Зошто да не го кажеме тоа? Дека ни било земано недозволено и дека и самите сме земале недозволено, дека сме давале и ни давале и дека сите подрачја вон уметничкото секогаш ни се чинеле банални и обични, а дека вистинската смисла на патетичното, вистинската смисла на драматичното, за нас не била да им ја дадеме нивната фотографска вредност, туку нивното највисоко духовно значење – рече Оливера Николова синоќа во своето видеообраќање по повод врачувањето на наградата „Прозарт“, што ѝ ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

This image has an empty alt attribute; its file name is damir-karakas.jpg


Обраќајќи им се на писателите и велејќи дека сигурно ќе ја разберат за што зборува, Николова додаде дека „никогаш не ќе знаат со сигурност кои бедеми ги поставува она што го работат, сè додека не го пропуштат времето да истрча пред нив и да им мавта од иднината за повикување“. Затоа само ги поздрави, жалејќи што не е во состојба да го направи тоа во живо како што рече„со понизноста за која обично сите гласаме, а која, всушност, го издига во триумф знамето на посветеноста, мечтите и разумот“.

This image has an empty alt attribute; its file name is elena-alexieva.jpg


Секој од авторите-гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори. Во Даут-пашиниот амам синоќа читаа писателите: Дамир Каракаш од Хрватска, Броња Жакељ од Словенија, Владислав Бајац од Србија, Елена Алексиева од Бугарија, сценаристот и режисер Рајко Грлиќ од Хрватска, нашиот писател Томислав Османли и поетот Пијан Славеј.

This image has an empty alt attribute; its file name is dita-starova.jpg


Сите имаа можност да се дружат во изминатите три дена заедно со членовите на „Скопје fellowship“програмата.Во сеќавање на Луан Старова, неговата ќерка Дита Старова-Ќерими прочита извадок од неговиот роман „Враќањето на козите“, којшто тој го прочита на неговото гостување на фестивалот во 2016 година.

This image has an empty alt attribute; its file name is tomislav-osmanli-1.jpg

Фестивалот го затвори неговиот основач, Дејан Трајкоски, кој напомена две работи кои сведочат како доказ зошто ваквите фестивали и манифестации треба да постојат и рече:
„Првата работа му се случи вчера на Владислав Бајац кога се сретна со жена со која се сретнал пред 20 години којашто му кажа дека читањето на неговата „Книга за бамбусот“ и романот „Друидот од Синдидун”ù го смениле животот. Втората е писмото кое што на еден од нашите лауреати Георги Господинов му го пратила повозрасна жена од болница, а меѓудругото, во писмото пишувало „ве читав и почувствував дека уште ми се живее“.

This image has an empty alt attribute; its file name is vladislav-bajac.jpg

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, вечерва во 20 часот во Кинотеката во Скопје ќе биде прикажан филмот „Караула“ на режисерот Рајко Грлиќ, кој е гостин на „ПРО-ЗА Балкан“. Пред проекцијата ќе разговораат Петар Арсовски, Александар Прокопиев и Рајко Грлиќ.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА.


Оливера Николова, обраќање на „Про-за Балкан“, 2022 г.

This image has an empty alt attribute; its file name is olivera-nikolova2.jpg

Драги пријатели, писатели и читатели!
Им благодарам на организаторите на овој значаен Фестивал за честа што ми е укажана. Про-за-Балкан за мене отсекогаш претставувала кота од која ми се овозможуваше радоста да ги поздравам колегите писатели, оние присутните, но и неприсутните, кои ги познавам и не ги познавам, кои ги читам и не ги читам, но чии автентични творечки вибрации бездруго ја изгубиле супстанцата на само она што е исклучително. Неспорно, присуството на читателите, пак, создава повеќе убавина одошто некогаш сме имале во моментот, повеќе емпатија за секого, но и помалку занес за чудата на животот и сировата стварност. Од срце ве поздравувам сите и сигурна сум дека разбирате што кажувам.
Се разбира, жалам што не сум меѓу вас. Жалам што не сум во состојба да ја споделам со вас оваа значајна средба во која се испреплетуваат нашите остварени и неостварени соништа, и во која, сепак, присуството не е нималку имагинарно.
Јас ù припаѓам на македонската литература, а мојот јазик на изразување, како што знаете, е македонскиот јазик. Нема да бидете зачудени, нели, ако речам дека јазикот на кој сите се изразуваме е за нас најубавиот јазик на светот. Нема да бидете зачудени, на пример, ако речам и дека во јазикот со кој се изразуваме понекогаш безмерната радост ја сметаме за лесноумна, бесмислена, за кобничка опасност од која се комплицира животот и се мултиплицираат несреќите… или ако речам уште дека стоиме на несигурно тло на историјата каде што си вообразуваме дека сме ја постигнале иднината на нашите мечтателни предци…, или дека, денес, и самите правиме скелиња по кои потомците ќе досегнат незаслужени врвови…, или ако за смртта умееме да пееме само како за божествена дарба која од нас прави безумни, но горди чеда…Не сте зачудени, нели? И кај вас, и со вас, е така, зарем не?
Денес, кога мојата земја и мојот јазик успешно го множат своето ехо, а ние се чувствуваме срчни и полетни, зошто да не кажеме дека еве, и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите? Мрежата на светот како некоја земна галаксија во која сите соѕвездија светат подеднакво за секого. Дека се трудиме да веруваме оти е тоа така и дека мора да биде така. Нели веќе без страв го исправаме своето пред плимата на туѓото? Зошто да не го кажеме тоа? Дека ни било земано недозволено и дека и самите сме земале недозволено, дека сме давале и ни давале и дека сите подрачја вон уметничкото секогаш ни се чинеле банални и обични, а дека вистинската смисла на патетичното, вистинската смисла на драматичното, за нас не била да им ја дадеме нивната фотографска вредност, туку нивното највисоко духовно значење.
Нас, како што убаво знаете, според некој неизбежен договор, нè именуваат како писатели. И ние понекогаш го протежираме ова именување. Но, мојата сосетка кога сака да се мајтапи со мене ме нарекува „нашата мила писателка“, мојата мајка која не знаеше како се станува писател, ми се обраќаше со „Ти, што сакаш да станеш некаков си писател“, но син ми, кој и ден-денес претпочита да нема мајка писателка, ми се обраќа најчесто со „Ти, која си пред сè мајка, после се’ друго“. Тоа многупати ме тера и самата да застанам и да си поставам себеси многу неизговорени прашања. Запирам и молчам, а прашањата се множат. Знам ли добро каков одговор ќе ме задоволи?
Писател… Писатели… Знаеме ли што се очекува од нас? Го прифаќаме овој товар со занес, а што се бара од нас? Што треба да работиме? Дали да се слушаме само себеси? Дали да ги слушаме првенствено другите? А, најважното: дали би го прифатиле и тоа што ни се наметнува? Колку што знаеме за соништата и за мечтите, за нивната лесна проточност, за нивното недофатно веќавање, толку нивното менување пред нас упорно го издига јарболот на нивната разградливост, на копнежот за цврсто тло. Што ни кажува тоа? Значи ли само дека мораме да бидеме тука? Дека нашиот поглед мора да има цел, а нашата работа задача? Значи ли тоа дека мораме да знаеме и кога не знаеме? Значи ли тоа дека мораме да имаме јасен увид во она што ни се случува? Смееме ли да го одречеме тоа? Смееме ли пактот на силите на злото да го прогласиме за невидлив? Смееме ли како творци на замисленото да ја завртиме главата од темницата што нè гори со својот адски пламен, од она со кое животот нè наградува и нè измачува? Зарем само колебањето во постоењето на доброто ја одржува тензијата во нашата работа? Кој е нашиот вистински повик?
Драги пријатели. Сепак… Зарем не сме помислиле, сепак, дека нашата сигурна зона е онаа во која не се колебаме? Зарем не сме помислиле дека тогаш нашиот увид во она што го перцепираме е безгрешен и дека што и да кажеме или напишеме, сепак сме најблиску до неповредливоста на вистината и до непроменливоста на визурите? Сме се поколебале ли дали ќе ни се поверува кога нашите зборови ќе добијат ореол на пророштво? Но, ве прашувам: зарем тогаш супериорноста на нашата ограниченост не е она од кое треба да бегаме? Целото сме го поделиле на помали целини, но зарем тие не крескаат за поголемо единство? Го гледаме ли тоа? Или барем, го чувствуваме ли? Што треба во тој случај да прифатиме како свое мото?
Во име на овие брзи и површни размисли, во име на нашето колебање за кое секој писател го остри перото, ја поздравувам нашата сложност во предвидувањата кои секогаш сме ги оспорувале, да го чуеме не само пискотот на разумот, туку и нашата несигурност со коja ја китиме кревкоста на упорното постоење. Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, сè додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување.
Еве, повторно сум сигурна дека знаете за што зборувам.
Затоа само ве поздравувам со понизноста за која обично сите гласаме, а која, всушност, го издига во триумф знамето на посветеноста, мечтите и разумот.
Да сте ми живи и здрави, пријатели.
Срдечно ве поздравувам.

Оливера Николова

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

МНТ: ЗАМИНА НАШИОТ ТРАЈЧЕ ЃОРГИЕВ (1967 – 2023)

Со огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на нашиот колега и пријател – актерот …